Македонија заслужува да започне пристапни преговори со Европската Унија

Македонија предолго чека да ги започне преговорите за влез во Европската унија и затоа се губи кредибилитетот и довербата кај граѓаниве – вели претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски. Коментирајќи го последниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон да се формира европска геополитичка заедница, како резервна варијанта, Николоски вели дека само ќе се уништи долгогодишниот европски сон и затоа нашето членство во Унијата не смее да има алтернатива.

„Лабава форма на сојузување, некоја форма на Советот на Европа и ОБСЕ далеку од европскиот сон. Збунува игнорантноста на Власта и општествената елита, воопшто не се огласува елитата, дури некои мислат дека таа идеја е океј. Членството во ЕУ нема алтернатива, не смееме да размислуваме за ниеден друг предлог. Македонија и граѓаните го заслужуваат тоа, но треба да се работи на сузбивање на криминалот и корупцијата подобрувањее на владеење на правото“ – изјави Николоски.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, прашан дали новиот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон е замена во случај на евентуален неуспех на процесот на проширувањето, рече дека ставот на Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се јасни.

„Пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила. Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи. Затоа, не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ“ – изјави Гир.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ истакна дека Македонија е еден од најсикусните кандидати за членка на ЕУ и не смее да се намали ентузијазмот, иако чекањето може да влијае на довербата кај граѓаните и нивната перцепција за ЕУ.

„Околу нашето чекање, тоа трае скоро цело полнолетство. Ние сме едни од најсикусните кандидати за членка на ЕУ не ни го намалува ентузијазмот но може да влиојае на граѓаните и нивната перцепција за европската перспектива“ – изјави Маричиќ.

Дека Македонија треба да ги започне преговорите со Европската Унија што е можно поскоро, изјави и германската амбасадорка Анке Холштајн, пред почетокот на панел дискусијата посветена на европската иднина и одбележувањето на 30 години по Мастришкиот договор, но не дозволи дополнителни прашања во врска со блокадите од страна на Бугарија.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести