Македонија дефинитивно почна да наликува на латино-американска нарко држава

План за бегство налик тоа на Ел Чапо, нарко-колумбијанска пресметка во Старата скопска чаршија, организиран „грабеж“ на затвореник од Идризово, ножеви, мобилни телефони, ладно оружје во затворските келии, како на пазар во див запад – Колумбија е или Македонија?
Копањето тунел во дворот на затворот во Идризово е само уште еден доказ за трулоста на македонскиот полициски систем. Дупката долга 40-метри се копала и додека затворениците го планирале бегството, надлежните ги следеле, но ништо не преземале. И пак се истражува дали се вмешани затворските полицајци. Токму тие беа врската Беким Мемети да избега од ќелиите и по втор пат да се бара со меѓународна потерница.
Во јануари, додека го носеа во болница, со повредена рака рани полицаец а другите тројца колегите го гледале како бега. И командирот беше вмешан, па и тој заврши во притвор.
Изминатата година во неколку акции во затворските ќелии беа најдени десетици ножеви, дупло повеќе мобилни телефони, дрога па дури и ладно оружје..
Пресметки помеѓу затворениците, со полицајците, е сценарио што може да се види и по улиците. Пред само две недели скопјани беа сведоци на егзекуцијата на Жила и Љаци во локал во старата скопска чаршија. Алфа дојде до инфомации дека петмината убијци биле професионалци од Косово кои дошле со една цел ликвидација на Јетон Крвањева алијас Жила и нему блиски луѓе. Вториот убиен таа вечер беше Енес Исеини кој пак се дозна дека бил осомничен за убиство во Холандија и вмешан во продажба на лажен кокаин.
Скопските улици, особено последниве години, се место за пресметки помеѓу групи и кланови на големи играчи во криминалното подземје, кои речиси секогаш се поврзуваат со политичките елити во власта. За таквите судири речиси никогаш нема разврска.
Во исто време, и експертите во неколку наврати предупредуваат дека македонските затвори се претворени во училишта за криминал а не во интитуции за ресоцијализација.
Инаку, Македонија убедливо води во европската статистика на затвореници што избегале од затвор. 691 од 10.000 затвореници успеле да се спасат од ќелиите со бегство.
Викторија Миткова