Македонија го одби барањето за азил, жената од ОАЕ моли за помош – вели дека дома ќе биде убиена

Македонските власти го одбија барањето за азил на Хинд Мохамед Алболуки од Обединетите Арапски Емирати која во страв од сопственото семејство, избегала во земјава и очајно моли за помош. Алболуки, инаку мајка на четири деца, вели дека морала да побегне откако не и било дозволено да се разведе од сопругот чие семејство има голема моќ во Обединетите Арапски Емирати. Таа и натаму се наоѓа во Скопје, поточно во прифатилиште за емигранти во Автокоманда, но остануваат само уште шест дена до последниот рок во кој мора да ја напушти територијата на нашата држава. Очајна, бара азил САД, Канада, Германија или Шведска , со објаснување дека доколку биде депортирана назад би можела да настрада.

Ми се заканија дека животот ќе ми се претвори во пекол, само затоа што побарав развод од сопругот. Дојдоа кај мене и ми го побараа пасошот со објаснување дека не повеќе не можат да ми веруваат. Се разбира, кога ти го бараат пасошот знаеш дека нешто се случува. Јас не сум толку глупава и затоа одлучив да побегнам. Јас сум мајка на четири деца. Ниту една мајка не би ги напуштила туку така своите деца, но јас немав друг избори – тврди Алболуки.

Нејзиниот македонски пријател кој не сака да зборува јавно, за Алфа вели дека е многу чудно тоа што таа цели два месеци, како барател на азил слободно се движела низ земјава, а потоа наеднаш била прогласена за опасност за националната безбедност“ и практично затворена во центарот во Автокоманда. И тој повторува дека семејството на Алболуки е многу влијателно и дека по нивниот притисок врз високи функционери во земјава, било одлучено таа да не добие азил. Дециден е дека, во случај да биде депортирана назад, во Обединетите Арапски Емирати ќе биде убиена.

Од МВР пак, за Алфа потврдија дека барањето на оваа жена за азил е одбиено бидејќи било утврдено дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека именуваната е прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и не постојат причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди. Потенцираат дека и судските инстанци ги одбиле жалбите на решението за одбивање на азилот.

Драган Милосављевиќ