Македонија втора бугарска држава во Европа- нова провокација од бугарскиот Парламент

Македонија втора бугарска држава во Европа. Прва седница на новиот состав во бугарскиот Парламент, стара пракса. Повторно провокациите кон државава една од главните теми за бугарските политичари. Во овој случај во главна улога е пратеникот на партијата „Преродба“ Костадин Костадинов.

-Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа, Македонија или како што е од скоро Северна Македонија, кажа Костадинов.

Покрај ваквите провокации, од Софија ни стигнуваат и пораки дека треба да се врати ветото за Македонија. Од таму се лути за предлог законот за здруженија и фондации, со кој треба да се стави крај на отворањето на културни клубови со спорни историски имиња, како Вачно Михајлов и Цар Борис Трети. Првиот човек на Има Таков Народ, Слави Трифонов смета дека целта со овој закон било забрана на бугарските здруженија, а дека европската блокада за Македонија, треба да биде еден од првите приоритети на новиот собраниски состав во официјална Софија.

-Собранието во Македонија едногласно изгласа нов закон за фондации и здруженија. Со овој закон е исполнета целта, а тоа е да се забранат сите бугарски здруженија именувани по херои од нашата историја. Што е Иван Михаилов за Македонија, освен херој? Најважно – откако ќе почне со работа, новото Народно собрание е должно да го врати ветото на Бугарија против Македонија. Бугарија е таму каде што има и само еден Бугарин, напиша Трифонов.

Додека од Бугарија стигнуваат поплаки дека сме оделе спротивно на европските вредности, наводно сакајќи да забраниме формирање на бугарски клубови, токму тоа се случува од бугарска страна. Во Благоевград, Советот на општината забрани отворање на македонскиот културен клуб Никола Вапцаров. Од здружението Нов Асном велат дека Бугарија вака директно удира по европските вредности.                                                                                                                                                                                                                                             

-Со вчерашната одлука на советот на Град Благоевград, се рушат темелните вредности на Европската Унија. Еве го резултатот од потпишаниот договор за добрососедство со Република Бугарија, Бугарски одлуки со кои се рушат темелните вредности на Европската Унија која не реагира на истите, порачаа од Нов Асном.

Дека некому во Бугарија му пречи македонскиот клуб, можеше да се заклучи уште пред две недели, кога канцеларијата на клубот беше вандализирана и од натписот на клубот беше избришана буквата „М“. 

Матеја Петровски

Advertisements