Македонија- Бугарија: Ако се менува историјата се менува и суштината и содржината на идентитетот

Ако се менува историјата се менува и суштината и содржината на идентитетот, вели Панов.

Димитар Ковачевски и Бујар Османи со француско- бугарско покровителство тргнаа да ја градат Македонија како еден само обичен политички продукт, рушејќи го македонскиот национален идентитет. Едниот со преговорите со Петков, другиот со потписот во Софија на прифатениот франуцски предлог. Насмевките на Османи и Генчовска во Софија, според историчарите се славење на бугарската победа, а македонскиот пораз. Понизноста од Илинденска и прифаќањето- бугарските историски услови да станат услови и на Европската унија се еден голем пораз за Македонија, вели за Алфа историчарот Митко Панов.

-Македонската држава и нација ќе биде сведена на еден политички продукт на политичките договори со Бугарија и со Грција, односно дека е еден современ продукт кој што има потреба да се редефинира и во историска смисла, значи она што постојано се апострофира дека македонскиот јазик, македонскиот идентитет се чисти или како беше сочувани, апсолутно не кореспондира со реалноста, вели Панов.

Покрај историскиот пораз, Македонија со пораз завршува и на дипломатски план. Според поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски власта единствено што се обидува е да претстави лажна слика, дека државава добила нешто позитивно од спорот со Бугарија.

-Матрикс дипломатија која во основа треба да ја разубави таа виртуелна реалност која ни ја претставува власта, односно која дипломатијата се обидува да ни ја објасни дека ова што ни се случува е секако во наша корист и дека тоа е реалност, а не илузија. Напротив, живееме токму во илузиите на политиката на власта, во смисла на надворешно политичките кои го доживуваме во последните години, вклучувајќи го ако сакате и преспанскиот договор, изјави Јанкуловски.

Јанкуловски е на ставот дека францускиот предлог не смеел да биде прифатен, нашите политички чинители морале и подобро и подостоинствено во оваа проблематика.

-Меѓутоа кога имате дипломатија која премалку се грижи за интересите на државата, односно националните интереси, го добивате ова што денеска го имаме, една девастирана надворешна политика, која што повеќе се обидува ги амортизира штетните последици од нашето надворешно политичко претставување, отколку реалните добивки кои можеме да ги оствариме во надворешната политика, изјави Јанкуловски.

Зад нас е година во која се интензивираа и средбите на заедничката историска комисија. Ова е посебно проблематично според професорот Панов. Тој вели дека за историјата не смее да се преговара.

-За историјата воопшто не смее да се преговара, не би требало да се преговара особено доколку станува збор за суверена земја, суверена држава, независна држава која што има меѓународно право, апсолутно на сопствен национален наратив и не смее во никој случај да биде условувана особено што условувањата би биле доведувани во контекст на евроинтеграциите, вели Панов.

За несигурна еворпска иднина, Македонија реши да се откажува од своето македонско минато, на крајот како награда добија меѓувладина конференција, ама само за сликање, а не и реални преговори со Европската Унија.

Матеја Петровски

Advertisements