НАЈНОВИ ВЕСТИ

“Македониум“ – симболот на македонската борба оставен да пропаѓа

       Симболот на македонскиот непокор и на револуционерниот простум и пркос на македонскиот народ, монументалниот Споменик „Македониум“ во Крушево, „живеејќи ја“ својата средовечна возраст, одвнатре се рапаѓа. Козметичките камуфлажи, со варосувањето на ѕидовите, направени непосредно пред прославата на 120-годишниот јубилеј од Илинденското востание, не помогнаа многу за длабоко и трајно да се скрие повеќегодишната негрижа. Забот на времето веќе ги разјадува и ѕидовите, и витражите, а и самата бетонска конструкција. Мувлосаните и зелени ѕидови, испуканиот малтер, корозираната метална конструкција, кров кој при секој дожд прокиснува, правејќи цели вирови на подот, е секојдневната слика која го опишува ова велелепно архитектонско здание кое од 2018 година е вброено меѓу десетте најуникатни градби во светот, а од 2016-та се наоѓа и на листата на седумтте најинтересни светски бруталиситички градби.

    И надлежните институции признаваат дека „Македониумот“, кој е познат и под називот „Илинден“ – пропаѓа. Но се правдаат дека неговото реконструирање бил обемен и многу скап проект, а дополнителен проблем бил и тоа што кај нас немало соодветни стручни лица кои би работеле на конзервацијата на витражите, па ќе морало да се бараат експерти од странство.

   „Најголемиот проблем ни се случува во пролет и во есен кога протекуваат и витражите, и железната конструкција. За овој проблем да се надмине, во координација со Завод и Музеј Прилеп, исто така и со Министертсвото за култура, континуирано се работи на проект. Објектот е голем, комплексен и не може така лесно да се изработи проектот за да најдеме решение кое ќе биде комплексно за да се одржува и да се реновира целиот објект“, – вели Тома Тана, директор на Историски музеј – Крушево.  

  Од Министерството за култура пак, уверуваат дека за наредната година, која ќе биде и јубилејна, 50 години од изградбата на Споменикот, ќе се настојувало да се обезбеди ставка во Буџетот за да можел да се реализирал голем дел од заштитата, но ќе се барало и вклучување на меѓународната заедница, и од финансиски аспект, и во однос на обезбедувањето на стручни експерти конзерватори.

   Во „Македониумот“ сместен е и гробот на претседателот на Крушевската република, Никола Карев, но недостасува некоја посодржајна историска поставка. Инаку, ова македонско и надалеку познато спомен-обележје е од прва категорија, се простори на површина од 12 хектари, а неговата купола се извишува на 1320 метри надморска височина.

Каролина Дурло