Мадуро е подготвен на договор со опозицијата

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави дека е подготвен „да постигне договор“ со опозицијата и покрај замрзнувањето на преговорите пред три дена.

– Јас верувам во политички, социјален и економски дијалог затоа што верувам во зборот, рече Мадуро на синоќешниот митинг во Каракас, од каде ги осуди последните санкции на  САД кон Венецуела.

Мадуро изрази подготвеност за „дијалог, постигнување договор, но со почитување на Венецуела“.

Пред три дена, поради новите санкции од САД, венецуелскиот претседател го откажа учеството на владината делегација во преговорите со претставниците на опозицијата во Барбадос, кои беа обид да се реши политичката криза во земјата.

Венецуела со месеци поминува низ длабока политичка криза поради борбата меѓу претседателот Николас Мадуро и лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател и е признат од околу 50 земји, вклучувајќи ги и САД.

Земјата е погодена од сериозна економска криза, дополнително влошена со американските финансиски санкции воведени во обид да го соборат Мадуро. Во Венецуела има недостиг на основните прехранбени продукти и лекови.