Мадона: Се чувствувам како „Њујорк тајмс“ да ме силувал

Американската пејачка Мадона изјави дека се чувствува како „силувана“ поради напис на „Њујорк тајмс“ за неа, нагласувајќи дека новинарката се фокусирала само на тривијалности и површни нешта, на пример – нејзините години.

Поранешната поп-ѕвезда на својот Инстаграм-профил уште еднаш истакна дека весникот е „еден од темелите на патријархатот”. – И, велам – смрт за патријархатот длабоко вкоренет во општественото ткиво, порача Мадона.

Натаму, таа вели дека до крај ќе се бори со „бескрајната потреба на општеството да го омаловажува она што знае дека е добро, посебно силните и независни жени“.

– Новинарката авторка на статијата, мина часови, денови и месеци со мене во свет којшто малкумина имаат можност да го видат. Но, таа одбра да се сосредоточи на тривијални и површни работи, како што е етничкото потекло на мојата двојничка, материјалот за моите завеси и на бескрајните коментари за моите години, коишто никогаш и не би биле спомнати да бев маж, вели Мадона во својот осврт.

Потоа таа вели дека на жените, дури и на оние кои себеси се сметаат за феминистки интелектуалки, им е тешко да ја претстават величината на успешна жена.

– Жал ми е што минав толку време со неа. Се чувствувам како да сум силувана, нагласува Мадона, додавајќи дека таа смее да ја користи таа аналогија оти била силувана на 19 години.