„Магнет“ за државни пари: Семејствата и блиските на ДУИ и СДСМ не можат „глава да кренат“ од тендери од власта

За семејствата и блиските до власта нема зима. За финансиска сигурност и повеќе од убав профит, тука се државните тендери. Примерот со Еуровија на внукот на Абдулаќим Адеми, поранешниот партиски заменик на Али Ахмети, е само еден од многуте. Фирмата на Елмедин Адеми од дражвата доби 1,8 милиони евра за организирање на претседателскиот и министерски совет на ОБСЕ, во декември годинава во Арената Борис Трајковски.

Според обвинувања на опозицијата во бизнис вреден 35 милиони евра влегуваат и синот на лидерот на ДУИ, Шкумбил Ахмети, заедно со внуците Дрин и Бесијан, за изградба на фотоволтаична централа во реонот на Кичево.

А внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, добива и државни пари. Тој стана актуелен во јавноста со добивањето на 39 проценти од деловниот центар Соравија за 0 евра. Но тоа не е единствениот негов бизнис. Преку два тендери од ЕЛЕМ, тој добил и 90 илјади евра од ЕЛЕМ. А на сметката на младиот Дрин, пари легнале и од Фондот за иновации, каде директор е Фестин Алили, кадар на ДУИ.

За иновациите пари на фирмите на младиот бизнисмен легнале годинава меѓу февруари и мај, а вкупната сума е нешто помалку од 80.000 евра. На сметката на Еверст ЏД легнале 45.000 евра, додека ТХОР Индустрис добила нешто повеќе од 30.000 евра.

Иако Дрин добива бизниси од државните институции во државата каде веќе 20 години на власт е партијата на неговиот чичко, сепак вели вечниот лидер на ДУИ немал ништо со неговите бизниси.

-Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети и помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата, кажа Дрин Ахмети.

Познат е и примерот со Арберија Дизајн, која низ годините е еден од најголемите донатори на ДУИ. Тие од 2020-та па наваму, според информациите достапни преку Јавни набавки, добиле државни тендери нешто повеќе од шест милиони евра. Сепак, функционирите од партијата на Ахмети не сакаат да говорат околу оваа фирма. Во септември минатата година, кога постоеја шпекулации дека го добиле тендерот за печатење на учебниците, беше запрашан и Груби, но не беше расположен да говори.

-Не знам. Како да демантирам или да потврдам кога не знам. Не сум во тек со тоа, изјави Груби на 03.09.2022-ра година.

Покрај блиските на ДУИ, убаво се офајдуваат и блиските, па дури и најблиските на СДСМ. Еден од тие примери е сопругата на премиерот Димитар Ковачевски.Таа со одлука на Владата доби државно земјиште за 70 денари квадрат, за поставување на фотоволтаици.

За Ковачевски тука немало ништо спорно, тој се изземал од седницата кога се одлучувало, а според зборовите на премиерот, бизнисот бил само на сопругата, без никаква негова помош, па не требало да се бара проблем.

-Секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како и таа што може да инвестира свои сопствени средства и сето тоа е пријавено во сите надлежни институции и Антикорупциска Комисија, со сите ифнормации, сите детали. Сите тие податоци се јавно достапни, така да немам што да ви додадам. (ДАЛИ ТОА Е САМО НЕЈЗИН БИЗНИС ИЛИ МОЖЕБИ ВАШ СЕМЕЕН БИЗНИС?) Тоа е нејзина инвестиција, која што ја има направено со свој сопствени средства. (ЗНАЧИ БЕЗ ВАША ПОМОШ?) Па без моја помош, зошто би имала помош од мене, тоа е инвестиција која може секој граѓанин да ја направи, кажа Ковачевски.

За самитот на ОБСЕ за кој пари доби Еуровија на ДУИ, ќе се офајди и една од омилените агенции на СДСМ- Рејтинг. Тие ќе добијат 100.00 евра за организација на истиот.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести