Лужина: „Недозволиво е актуелното отуство на домашната драма во македонските национални театри“
Како ќе се зачуваме себе си и нашето национално богатство, ако самите не се грижиме за нив ?! Македонија е можеби единствената цивилизирана земја која нема државен фетстивал на домашната драма. А тоа е недозволиво, особено ако се има предвид актуелниот контекст на времето во кое живееме“, смета театрологот проф. д-р Јелена Лужина.
„Треба да се прогласи година на домашната драма, треба, просто да се направи Фестивал на домашната драма. Тоа го има во секоја цивилизирана земја. Има многу фестивали, ама има еден кој е многу важен, и е државен, и е на национална драма. Јас не знам зошто само во Македонија таков фестивал нема, по закон ? Не знам зошто толку малку држиме до себе си ?! Оти ако така си правиме, не знам зошто некој друг би држел повеќе до нас?! – констатира проф. д-р Јелена Лужина од ФДУ – Скопје.
За да се надмине оваа крајно поразителна ситуација со (не)застапеноста на македонската драма, според Лужина, појдовениот чекор можеби би бил со нејзино поагресивно, национално-стратешко стимулирање.
„Имаме 18 државни театри кои целосно се финансирани од државата и би требало нешто да одработат за тоа што го добиваат. Неверојатно е дека македонската драма, националната драматика е толку малку застапана во нашите репертоари“, – посочува проф. Лужина.
Инаку, македонската драма има богата историја и традиција. Нејзините никулци се врзуваат со кусите дијалози на обредните игри од кои се развила народната драма. А додека почетоците на современата македонска драма, датираат од средината на 19 век со драмските текстови на Јордан Хаџи Констатнтинов – Џинот и на Војдан Чернодрински, и тие драми биле првите кои имале уметничка вредност.
Каролина Дурло