Локалната власт во Прилеп го намали долгот на општната

„Прилеп не е повеќе град на сивилото и безнадежноста. Овој град после долга стагнација продолжува да се развива и да го враќа стариот дух на град насочен кон современата иднина“, – истакна на денешниот отчет, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески. И покрај негативните економски трендеви, условени од светската криза, општина Прилеп, скромно, но посветено веќе работи на реализацијата на ветените проекти, уверува Јовчески, притоа додавајќи дека напоредно се сервисираат и големите долгови наследени од претходната локална власт.

– „Поминавме одреден период на скенирање на состојбата од претходната власт, и успеваме со добро менаџирање и домаќинско работење да реализираме исплата на околу 120 милиони денари од вкупно 300.000.000 денари, наследени обврски и го трасиравме патот за отворање на можности со цел исполнување на дадените ветувања“ – рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Одговарајќи на новинарско прашање околу евентуалната кривична одговорност на функционери од претходната власт за незавидната финансиска состојба во која беше наследена општината, Јовчески кажа дека се чекаат извештаите од ревизијата која веќе била започната. Но, сомнежите биле големи дека тенденциозно тие ќе доцнат.

– „Времето кое што го чекавме веќе една година е она кое што и го очекувавме. Јас колку што имам информација, тие се и во тек на работење на ревизијата во нашата општина, тековно во нивната програма. А дека е доставено барање за ревизија, јас можам да ви потврдам дека тоа е направено“ – одговори Јовчески.

Освен ова, при денешниот отчет за едногодишната работа на оваа локална власт, беше потенцирано дека во склоп на развојната програма, од март наредната година, со почетокот на градежната сезона, ќе биде реализирана рехабилитацијата на околу 50 улици, нова монтажна Катна гаража во центарот на градот, нов Кружен тек кај „Тинекс“, реконструкција на сите спортски игралишта и многу други проекти кои се дел од изборната програма. Досега пак, вложени се 30 милиони денари за подобрување на условите во училиштата, исплатени се 37 милиони денари како прва рата за изградбата на новата Градинка, а континуирано се реализира и финансиската помош од 6.000 денари за секое новородено дете.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести