Лозарите се пожалија поради неплатено грозје, најавуваат протести ако проблемот не се реши

Доцни исплатата на грозјето. Лозарите уште си ги чекаат ветените пари. Револтирани, за како што велат, игноранскиот однос од стана на власта. Оние кои родот го предале во визбите, најавуваат блокирање на патни правци, со цел надлежните институции да слушнат за проблемот со кој се соочуваат и немаат заштита од никого. Велат дека нивната егзистенција е загрозена.

Лозарите од Тиквешијата кои беа на средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, објаснуваат дека досега напразно барале помош од државата. Се обратиле до Министерствата, до градоначалниците на Неготино и Кавадарци и до пратениците од овој крај, но барем за сега, попусто.

Лозарите се надеваат на добра година за лозарството, но ако и натаму продолжи, како што велат игноранскиот однос од страна на власта, овој сектор ќе се соочи со сериозни последици.

Лидерот на опозицијата рече дека крајно време било власта да остане на зборот и да го исполни она што им го ветувала на земјоделците, особено на лозарите кои изминатиов период мака мачат со откупот на грозје.

  • Денеска ние имаме реален проблем во Тиквешијата. Имаме од две винарии ненаплатени побарувања од страна на лозарите за продаденото грозје тоа е некаде од висина на милион и двеста во вкупен износ, 600.000 евра од едната винарија, 600.000 евра од другата винарија. Ветувано им е за време на предизборието од тогашниот технички министер, кој што сега е практично министер во ресорот за земјоделие. Но гледаме дека реалноста е сосема поинаква. Воопшто ништо не се случува. Напротив, повторно имаме некои нови ветувања, нови одложувања на решавања на овој проблем. Повикуваме веднаш, тоа ветување кое што го давал на лозарите за време на предизборието да го исполни и овие луѓе да си ја добијат онаа сума на средства кои што ја имаат заслужено за продаденото грозје во тие винарии, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И додека лозарите бараат помош да си ги добијат своите пари, барем за сега нема ништо ниту од ветената зелена нафта, за која власта вети дека ќе стигне до земјоделците. Нема помош ниту за поевтини вештачки ѓубрива и поквалитетни репроматеријали, а камо ли сигурен откуп на грозјето, за кое владата најавуваше трајно решение.

Борис Грујоски