НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лозарите на улица ако државата не им го откупи грозјето

На само десетина дена од стартот на новата откупна кампања на грозјето, македонските лозари со старите проблеми. Обвинуваат дека повторно се излажани и комплетно изигнорирани од сите надлежни фактори. Велат дека иако им било ветено, сепак досега ниту некој ги викнал, ниту пак со некого се договориле околу престојниот откуп и формирањето на откупните цени на грозјето.

  „Ниеден од министрите нема слух да седнеме на маса и да разговараме онака машки и како што треба. Имавме направено допис на 21.01. до Министерството за земјоделие, баравме состанок и утврдување на цени. На 27.01. имавме втор допис, немаме одговор, на 19.08. имавме трет допис, немаме одговор. Бараме средба за да се утврди цена на чинење на килограм грозје. Бараме заштитната цена на килограм грозје да не биде пониска од 8 денари. На „смедеревката“ – 11 ден., на „вранецот“ – 13 ден. Од Владата бараме да ни дадат по 5 ден. од килограм – субвенции…“ – револтирано вели Златан Стојчев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“.

Со сериозни проблеми, годинава се соочуваат и новите лозари. Велат дека никој од винариите не сакал да склучи договор со нив за откуп на грозјето.

„Сум пробал во сите винарии, не во Сковин, не во Тиквеш, не во Маркудов, никој договор не ми прави. Значи ние сме исфрлени од државата фактички, какода не постоиме. Парите ги дадовме за лозје, за препарати, а сега што ќе му правиме?! Ќе го однесам пред куќата на Заев, во Струмица…“ – посочува новиот лозар, Нове Јошески..

Годинава се очекува родот на грозјето да тежи околу 90 милиони килограми грозје, што е за 30 милиони килограми повеќе од лани. Лозарите бараат вишокот на грозје да го откупи државата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив, во спротивно, велат дека ќе го истураат родот по улиците.    

„Со сила тие не тераат да правиме проблеми, после пак ни припишуваат политика. Оваа цена не е променета 30 години. Во една таква ситуација, ако ни дадат 8 денари, ние нема да го бериме грозјето, нека остане на нивата…“, појаснува Златан Стојчев.

 Доколку не се испочитуваат нивните барања за итна средба со новиот министер за земјоделие и со претстваниците на винариите во рок од една недела, тиквешките лозари се закануваат со граѓанска непослушност, односно со блокада на патиштата низ Тиквешијата, но и на винариите кои ќе сакаат да ја „турнат“ цената.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста