Литванија денеска ќе гласа за ратификација на Протоколот за НАТО

Парламентот на Литванија денеска на пленарна седница се очекува да го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На седницата ќе присуствува и пред пратениците во литванскиот Парламент ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Протоколот досега го ратификуваа седум земји членки на НАТО. Прва тоа го стори Грција, по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора, а вчера и Романија.

Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји-членки на Алијансата, Македонија и официјално ќе стане земја членка на НАТО.