„Лидер“: Заеви и владиката Наум бизнис партнери во производството на марихуана?!

Монахињата на МПЦ, Сара, со родено презиме Еленова е еден од основачите на најновата компанија со лиценца за производство на марихуана, нејзин бизнис партнер е адвокатот на премиерот Зоран Заев, Ване Андреев од Струмица- пишува порталот Лидер. Според изворите на сајтот, монахињата важи за личност која е исклучително блиска со владиката од Струмица на МПЦ, господин Наум. Всушност, таа била и монахиња во манастир под негова контрола. Сара важела и за личен асистент на владиката Наум кој е долгогодишен партнер на Заеви, пишува Лидер.

Вчера, Економски Лидер објави дека уште една компанија за производство на марихуана добива семејниот картел на премиерот Зоран Заев. Деновиве, беше формирана нова компанија, со назив „Канабис ОНЕ Доо Струмица“, во која како еден од сопствениците се јавува лице, тесно поврзано со премиерот Зоран Заев.

„Сопственици на компанијата се Ване Андреев (адвокат на премиерот Зоран Заев), компанијата „Летерс ДОО – Ресен“, Зоран Јанев, Крис Алмн од САД, Славчо Васков – Пинда од Струмица како и монахињата Сара Еленова, која потекнува од Кавадарци, но беше во манастирот на Наум.
Според тврдењата на извор на Лидер кој е дел од блиското опкружување на семејството на премиерот, името на Андреев е тука само за да се скрие дека позади фирмата стои токму семејството на премиерот“, пишува Лидер.
Ова не е прво партнерство на владиката Наум со семејството на премиерот Зоран Заев, тврди порталот.
Со тоа, пишува Лидер, Заеви контролираат две од осумте компании лиценцирани за одгледување марихуана или контролираат вкупно 25% од пазарот. Една од седумте лиценци за одгледување на канабис е преку компанијата „МАМ“, која е во сопственост на Трајче Заев, а дел од управните структури е и Вице Заев, пишува Лидер.

Одгледување на марихуана за медицински цели е прилично ликвиден бизнис со огромна заработка. За едно инвестирано евро, се враќаат десет. Очигледно, и МПЦ преку својата монахиња влегува во овој бизнис, пишува Лидер.

Јована Грчева