Лидерот на „Алијанса“ куќата по багателна цена ја купил од пратеник на ДУИ

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, куќата во скопско Тафталиџе ја купил по багателна цена од пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Документите кои ги објави агенцијата Макфакс го потврдуваат тоа. Сега уште повеќе се продлабочуваат сомнежите која е причината, но и цената за влегувањето на Алијанса во владејачкото мнозинство.

Куќата во скопско Тафталиџе на гостиварскиот градоначалник и прв човек на „Алијанса за Албанците“ Арбен Таравари, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“.

„Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со неговата сопруга.

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти неговата сопруга, според Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадрат платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра.

Таравари во повеќе наврати изјави дека платил реална цена за куќата, но не дадедополнителен коментар на обвинувањата за наводен партиски пазар и сомнеж за корупција.

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, пак, не одговора на прашањата зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, ја нема да одговари за случајот за купување на овој имот.

Борис Грујоски

Advertisements