Лидерите на ЕУ го одобрија договорот за заминување на Британија

Лидерите на ЕУ го одобрија договорот за повлекување на Велика Британија и идните односи – инсистирајќи на тоа дека тоа е “најдобар и единствен договор”. По 20-месечни преговори, 27-те лидери го дадоа договорот за благослов по помалку од еден час дискусија. Тие рекоа дека договорот – кој треба да го одобри парламентот на Обединетото Кралство – го отвори патот за “уредно повлекување”. Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер го повика британскиот парламент да го ратификува договорот, велејќи дека ЕУ нема да ги промени своите основни позиции.

  -“Договорот е добар, но и тажен. Не мислам само на договорот, туку на Брегзит  како тажен момент за ЕУ, но исто така и за Велика Британија. Иднината ќе го докаже тоа”.-Изјави Жан Клод Јункер 

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ја истакна одлучноста на Унијата во иднина да биде во блиско партнерство со Велика Британија.

 – “Пред нас е тежок процес на ратификација, како и понатамошни преговори. Без оглед како се заврши, едно е сигурно – ние ќе останеме пријатели до крајот.- изјави  Доналд Туск

Главниот преговарач на ЕУ за Брегит, Мишел Барние, е задоволен од договорот постигнат со Лондон, како и единството на 27-те земји-членки на ЕУ за време на преговорите.
Според Британската премиерка Тереза ​​Меј со денешното потпишување на договорот на самитот на ЕУ го означува крајот на една фаза и почетокот на “неопходна национална дебата” за иднината на Велика Британија. Таа рече дека Парламентот ќе гласа за договорот за повлекување од ЕУ до Божиќ.

– Овој договор е најдобриот и единствениот можен за кој британскиот парламент ќе гласа, ги предупредувам пратениците дека нема да има опција за повторно преговарање.-изјави Тереза ​Меј 

Германската канцеларка Ангела Меркел договорот за Брегзит го нарече “дипломатско ремек дело”.

– Ова е историски ден кој предизвикува  двојни чувства. Трагично е што Велика Британија ја напушти ЕУ, по 45 години, но ние мора да го почитуваме гласот на британскиот народ.-ИЗЈАВА: Ангела Меркел 

И покрај прифаќањето од страна на Европскиот совет, договорот за повлекување на Велика Британија на почетокот на декември мора да биде одобрен од страна на британскиот Парламент, кој во овој момент, според реакцијата на британскиот  парламент, делува како речиси невозможна мисија за премиерката Меј. Ратификацијата на договорот, се очекува и од страна на Европскиот парламент.

Елена Вришку