Летово нема датум за преговори, Меркел му објаснила на Заев дека во септември ќе дојдеме на дневен ред

Германскиот Бундестаг ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на Европската Унија со Македонија во септември, согласно утврдените процедури на Германија за прашањата за проширување на Унијата. Ова, според соопштението од Владата, му го пренела германската канцеларка Ангела Меркел на премиерот Зоран Заев на денешната средба во Берлин. По средбата на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, Заев објави дека добил ново ветување од Меркел.

-Од наша страна потврдивме дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Мерекел и ја поддржува нејзината политика за процесот на прошрување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан. Јас целосно и верувам на канцеларката Меркел – изјави премиерот Зоран Заев по средбата со Меркел.

Од канцеларијата на Меркел меѓутоа објавија само кусо соопштение за средбата, во кое се наведува дека разговарале за билатералните односи, а фокусот бил ставен и на „прашање од надворешната и европската политика“. Во соопштението не се прецизира ставот на Меркел за очекувањата на Македонската влада за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ.

– Германија заедно со Франција си поставија цел – зајакнување на стабилноста на балканскиот регион. Важен чекор кон тоа беше решавањето за спорот со името „Македонија“. Под покровителство на ОН, балканската држава од 12 февруари 2019 година се преименува во Северна Македонија, со што се стави крај на спорот за името со Грција што траеше од 1991 година. Во април премиерот Зоран Заев, исто така, присуствуваше на состанокот за Западен Балкан, што го организираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, се наведува во соопштението .

Првиот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, каде точката за датумот ќе се најде на дневен ред пред министрите на земјите-членки е закажан на 18 јуни и речиси извесно е дека на овој состанок нема да добиеме зелено светло за преговори. Предвидувањата се дека датум би можел да биде одобрен дури во октомври, иако со оглед на силното противење на Франција и Холандија ниту таа опција не е сосема извесна.

Драган Милосављевиќ