Летно сметање на времето

Еден час помалку сон – со поместување на стрелките нанапред граѓаните изгубија дел од ноќта, па се разбудија ненаспани. Најголем дел од нив велат дека зимското и летното сметање на времето им предизвикува само проблеми и треба да се напушти.

Европската Унија веќе донесе одлука поместувањето за еден час нанапред напролет и еден час наназад наесен да биде укинато во 2021-та година. Секоја од земјите членки дотогаш ќе треба да одлучи дали ќе остане во зимско или во летно време.

Европската Унија заклучи дека поради промена на времето се зголемува бројот на сообраќајни несреќи и компликации после хируршки интервенции, а истражувањата на ниво на Унијата покажуваат дека 84% од испитаниците сакаат да го прекинат сезонското менување на времето.

Нашите власти веќе најавија дека ќе се следи примерот од ЕУ, па најверојатно и часовниците ќе се поместуваат само уште следната година.

Бугарската крајна десничарска партија ВМРО БНД, пак, предложи Бугарија да избере да биде во ист часовен појас со Македонија.

„Повикуваме Владата да го одбере она сметање на времето кон кое ќе остане нашиот сосед – братска Македонија. Така, поделбата на бугарскиот народ од двете страни на границата, дури и со време, ќе биде укината. И како што се пее во една убава народна песна од Дунав до Белото Море и од Охрид до Црното Море нема да ги менуваме стрелките“, вели пратеникот на ВМРО БНД, Александар Сиди.

Идејата за заштеда на енергија со менување на времето на часовникот беше прв пат спроведена во Германија во 1916-та година, а подоцна и во многу други европски земји. Во моментот 64 земји во светот користат летно и зимско сметање на времето.

Во Македонија летното сметање на времето е воведено во 1983 -та година кога таква одлука била донесена на ниво на тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Симона Србиноска.