Летниот хаос на Табановце ќе се средува во октомври?!

20 часа возиме – никаде нема ваква гужва –  колони од 20 километри и нервозни граѓани, ова беше сликата  на Граничниот премин Табановце пред продолжениот викенд. За влез во Македонија од Србија  се чекаше и по два часа. Граѓаните  реагираат дека помпезно најавуваната иницијатива  „Отворен Балкан“ наместо побрз проток создала само повеќе гужви на границите.

Со поголеми проблеми се соочуваат камионските превозници кои подолг период имаат проблеми да ја поминат границата и се случува дури и да се чека по цела ноќ поради царински формалности и недостаток на персонал. Директорката на Царинска управа тврди дека вчера проблемот со расипаната вага бил решен за еден час , а Царината работела со најсовремени технологии.  По реакциите дека не функционира брзата лента за транспортните компании од земјуите за „Отворен Балкан“  од денес во функција се ставени десет ленти , односно две нови ленти кои од излез се пренаменети за влез во земјава.

Проблемот со протокот на стоки ќе се забрза ама од 1 октомври кога со предвидената измена на увозна царинска постапка ќе се овозможело за еден час да се помине Царина.

Наспроти реакциите од граѓаните и превозниците дека „Отворен Балкан“ се повеќе ги затвора границите,  првиот човек на Министерството за внатрешни работи се уште уверува дека иницијативата ќе придонесе за побрз проток на стоки и патници , но тоа не значи дека ќе има безграничен систем. Според Спасовски и Кутиров гужвите биле поради годишните одмори, но се правеле максимални напори за обезбедување непречен проток.

По денешната посета на „Табановце“ од надлежните од Независниот синдикат на професионални возачи на Македонија за Алфа велат дека денес е подобра ситуацијата со протокот на камиони, но  дека проблемот треба да се реши суштински, а не само да се замачкува ситуацијата. Тие најавија дека не отстапуваат од нивните барања и ќе ја следат состојбата во идниот период. Доколку повторно се соочат со истите проблеми ќе ги блокираат Граничните премини.

Кристина Алексиеска