Лекари нема ни за лек

Околу 200 студенти годишно завршуваат медицински факултет, а ист е бројот на оние кои си заминуваат од земјава. Лекарскиот егзодус продолжува, а со ваквиот тренд, голема е веројатноста дека нема да останат лекари во земјава што ќе ги лекуваат македонските граѓани.

Речиси и нема болница која не се соочува со недостаток на медицински кадар. Министерот Филипче преброил, на земјава ѝ недостасувале само 600 лекари.

Но, ако речиси сите што стануваат лекари заминуваат од земјава, нејасно е како ќе се пополни дупката, од, како што вели Филипче, 600 лекари. Ниту пак, од каде дошле 3200 луѓе што се занимаат со медицина, вработени лани.

На универзитетските клиники се работи со помалку офталмолози, уролози, ендокринолози, педијатри, a хроничен е недостатокот и на анестезиолози. Голем е проблемот и во примарното здравство, оти е недоволен бројот на матични општи лекари. А нема и гинеколози. Активни се 144 матични гинеколози, од кои 43 се во Скопје. Според Светската здравствена организација, на толкав број население треба да има 400 лекари.

Вишок имаме само стоматолози. Околу 2700 имаат лиценци, а тие, остануваат во земјава, но не е познато колкав е бројот на оние што поправаат заби, а колку не работат по струка.

Сања Трајковска Ставров