Лекарите од Институтот за судска медицина денеска треба да одговорат што го убило Саздовски

Вештаците од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје денес ќе треба да дадат одговори на прашањата што било причина за смртта кај Никола Саздовски. За денес во Основниот суд Скопје1 закажано е судско рочиште за свирепото убиство на Саздовски, а пред судот треба да сведочат двајцата вештаци кои го изработиле обдукцискиот наод за неговата смрт.

Во овој предмет им се суди на Бесир Беља и Скендер Демири, а третиот обвинет е во бегство.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид” на булевар „Александар Македонски” во Автокоманда.

Тие му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако им ја покажал неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите, нанесувајќи му тешки телесни повред, од што паднал во кома.

Од здобиените повреди Саздовски на 9 јули годинава почина на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза”.

Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради ударот во метална кутија на ЕВН што се наоѓа на автобуската постојка.

Бранителот на Скендер Демири, Асмир Исмаиловиќ рече дека ќе докажат дека ваквото обвинение не може да опстане, бидејќи ако обвинетите му побарале лична карта и почнале да го тепаат…зошто oбвинителството не навело кој и какви дејствија презел. Според него, не е споменато дали делото е извршено со умисла или кој е мотивот.

Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.

Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Саздовски, откако првичната квалификација наиде на бурни реакции од јавноста. Па така наместо за кривично дело „насилство” против тројцата осомничени се води истражна постапка за кривично дело „убиство извршено на свиреп начин”.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.