Леб, млеко, тестенини, сирење, кашкавал, брашно, месо – цените на над 50 производи од утре, па до крајот на ноевмри ќе бидат замрзнати

Лебот, млекото, месото, оризот, тестенините, јунешкото, пилешкото и меленото месо, кравјото сирење и кашкавал, односно над 50 категории производи, веќе од утре треба да поевтинат, за 10%, а некои и повеќе 10 отсто, односно референтна вредност се зема на цените од 1 август. Тие што ги покачиле цените во август не само што ќе треба да ги вратат како во јули, туку таа цена ќе треба да ја намалат за 10 проценти. Мерката ќе трае до крајот на ноември, а се очекува покрај овие производи, наредниот период да бидат вклучени и други, за што се водат разговори со производителите и трговците.

  • Брашно. Ориз. Бел и полубел леб. Пекарски производи. Бисквити. Наполитанки. Тестенини. Месо. Млеко. Јајца Сирење Кашкавал.
  • Ориз бел во пакување од 900 грама до еден килограм
  • Брашно пченично тип 400 и тип 500
  • Бел и полубел леб векна индустриски тип 450 грама цел и на парчиња со исклучок на свежо печен леб во маркетите
  • Други пекарски производи
  • Бисквити петит бер и бисквити обични и посни од 300 до 500 грама
  • Наполитанки со  фил од какао крем  (обични, непреливни) од 300 – 500 грама
  • Тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) од 500 грама
  • Јунешко месо без коски од бут или некој друг дел
  • Свинско месо без коски од бут или некој друг дел
  • Мелено месо свинско и јунешко
  • Пиле свежо или замрзнато (цело)
  • Пилешки стек свеж или замрзнат
  • Чаен колбас (јунешки свински говедски) без додатоци
  • Пилешка посебна салама (без слајс пакување)
  • Паштета од џигер и пилешка, без додатоци во пакување од 95 и 100 грама
  • Трајно кравјо млеко, без органско и со додатоци, од 1 литар
  • Јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, од 1 и 1,5 литар
  • Кисело кравјо млеко, обично без додатоци, од 300 до 500 грама
  • Павлака од кравјо млеко во пакување од 180 до 200 грама
  • Традицуионално кравјо бело сирење и мешано бело сирење без додатоци
  • Традиционален кравји и мешан кашкавал без додатоци
  • Свежи јајца од кокошка
  • Свежо овошје
  • Свеж зеленчук

Министерот за економија Крешник Бектеши, уверува дека намалувањето ќе се почитува, зашто Пазарната инспекција ќе врши засилени контроли секаде.

  • „Донесена е одлука за определување на цените на мало како и обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица и се регистрирани за вршење дејност производство и трговија на големо“, рече Бектеши, додавајќи дека откако ќе биде објавена во Службен весник ќе биде обврска на сите трговци на мало  да ги применат тие цени согласно референтниот датум 1 август.

Во табелите е објавена целосната листа на прехранбени производи кои согласно владината одлука треба да поевтинат за 10% и кои во маркетите ќе бидат обележани со „гарантирана цена“. Ако тоа не се почитува, Бектеши рече дека ќе бидат преземени ригорозни санкции, како и затворање на продавниците од страна на Инспекцијата.

  • Може цените од 1 август до денес да се зголемиле и 100 отсто, но тоа за нас е неважечко, тоа е нула за нас. Што значи дека ние намалувањето ќе го примениме од минимум 10 отсто од она ниво што било на 1 август како референтна цена“, рече Бектеши.

Во однос на акциите кои традиционално ги применуваат трговците, Бектеши рече дека е направена мала корекција при што ќе им се дозволи да прават акции со пониски цени од замрзнатите, ама таа да биде под замрзната, а ако случајно прават намалување на одредени цени заради истек на рок, тоа да го означат за да биде јасно за потрошувачите.

Одлуката се очекува да стапи на сила откако ќе излезе во Службен весник, односно од утре на пладне.

За многумина оваа мерка е задоцнета, ако се има в предвид дека високите цени кај нас, за разлика од соседите, веќе ги надминаа сите граници и заминаа до небо. И додека во регионот храната поскапе за околу 10%, кај нас покапувањето надмина 47%, што директно го осиромаши и онака сиромавиот граѓанин.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста