Лажни вести од Софија дека е обвинет претседателот на БКК во Битола, Обвинителството демантира

Претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ е осомничен дека ширел расистички и ксенофобичен материјал. Љупчо Георгиевски е дел од истрагата на битолското обвинителство по поднесена кривична пријава, а за 4 дена мора да се појави и на распит – во спротивно присилно ќе биде спроведен. Поканата која стигнала до Георгиевски ја пренесуваат бугарските медиуми, а од Обвинителството демантираат дека тој е обвинет. Велат дека станува збор за прибирање на докази.

  • Постапката е во тек и се преземаат дејствија за проверка на сите околности. Дејствијата вклучуваат и распит на повеќе лица, за што јавниот обвинител упати покана и до лицето кое го наведувате, како лице пријавено со поднесената кривична пријава. Покани за да дадат исказ пред надлежен јавен обвинител ќе бидат упатени и до други лица. До овој момент, не е донесена одлука за поднесување на обвинение“ велат од Обвинителството.

Драмата со бугарските клубови се интензивираше во април кога цел бугарски државен врв дојде да ја сече црвената лента на официјалното отворање на „Ванчо Михајлов“ во Битола кој бил формиран пред три години. На тоа следуваа неодговорени прашања од Централниот регистар и Министерството за правда за тоа кој напривил пропуст бугарски клубови да се именуваат со имиња на историски личности за македонската историја.

Поради тоа се изгласа и закон во македонскиот законодавен дом со кој бугарските културни клубови добија три месеци да го сменат името или пак ќе бидат затворени. Сепак, овој закон барем според она што ни го кажа власта, бил донесен само за да се бајпасира ситуацијата кога граѓаните реагираа жестоко на оваа тема, а сега се подготвувал нов предлог закон. Но, бугарските политичари не останаа имуни ниту на привремениот закон, па министерот за надворешни работи, Николај Милков испрати заканувачки тонови дека сме морале да направиме отворените бугарски клубови да функционираат.

Пред речиси два месеци, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека клубот „Ванчо Михајлов“ ги дискриминира и вознемирува борците на НОБ, македонскиот народ и етничките заедници. Претседателот и членовите имаа 45 дена да ги отстранат сите спорни материјали во името ,статутот и програмата кои предизвикуваат вознемирување и да ги избришат сите фејсбук статуси во кои го промивираат ликот и делото на Иван Михајлов во рок од 30 дена, што, исто така, не беше испочитувано.  

Викторија Миткова

Advertisements