Ладно па топло – Температурите не мируваат

Претстојат брзи и големи промени на временската состојба, поточно прво следните денови земјата ќе ја зафати бран студен воздух од север кој се очекува уште од ноќта кон средата, па потоа повторно голем пораст на температурите очекуваме особено во текот на викендот.

Инаку во среда од југ во нашата држава ќе навлезе влажен бран кој ќе услови повремени врнежи и тоа од дожд на ниските и снег на повисоките и планинските места, ќе дува и умерен до засилен ветер од северен правец кој ќе услови значително намалување на загаденоста во воздухот.

Снежната граница има услови на некои места, особено на запад и на север да се спушти и под 1000 м.н.в.

Врнежите ќе бидат со слаб до умерен, понекаде и со умерен интензитет па локално се очекува да наврнат околу 10 до 15 л/м2 воден талог.

Максималните дневни температури на воздухот ќе бидат за 5 до 7 степени пониски од денешните и ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 11 степени.

Веќе од четврток следува период на стабилно и суво време па така наутро понекаде температурите ќе се спуштат под нулата, максималните дневни пак повторно ќе бидат во позначително покачување и за време на викендот ќе бидат повторно над просекот за овој дел од годината и ќе се искачуваат во интервалот од 8 до 15 степени.

По одделни котлини повторно ќе растат условите за појава на магла и на ниска облачност.