Лавров: Санкциите не им користат ниту на Русија ниту на ЕУ

Државите членки на Европската унија трпат загуби кои надминуваат 100 милијарди долари како последица на антируските санкции што ги диктираат САД, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Постојат различни проценки за загубите што ги сноси ЕУ поради санкциите. Според некои проценки, тие загуби надминуваат 100 милијарди долари, изјави шефот на руската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „Паис“.

Тој додаде дека европски земји и вовеле санкции на Москва под директно влијание на Вашингтон.

– Треба да се истакне дека Американците не трпат никакви загуби во оваа ситуација, истакна Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи нагласи дека околностите на односите помеѓу Русија и ЕУ не можат да се сметаат за нормални, додавајќи дека „митската руска закана“ на Европејците главно е наметната од надвор.

– Објективно, санкциите не се од корист ниту за Русија, ниту за ЕУ. Важно е европските политичари тоа конечно да го сфатат, посочи Лавров.

Според него, Москва повеќепати изразила подготвеност да ги укине руските контрамерки, но дека ЕУ треба да го направи првиот чекор, бидејќи „тие први ја почнаа спиралата на санкции“.