КССМ ќе ја блокира работата на Арсовска ако отпушти работници од „Водовод“

Блокада на градското собрание и булеварот Илинден, како и преземање на други радикални чекори доколку градоначалничката Арсовска ги оствари најавите за бркање од работа на стотина вработени од Водовод, предупредува претседателот на конфедерацијата на слободни синдикати, Маријан Ристески, кој додава дека, работникот не смее да страда, поради какви било турбулeнции.

„Овде има луѓе кои што работат со фекалии, со канализација, освен клешти и лопата не фатиле ништо за овие 6 месеци што работат. И сега некој ако е нервозен, ќе го истури гневот врз работниците. Нема тоа да го дозволиме. Јавно порачувам, ако некој сака да ја види силата и гневот на работникот. Еве го! Водовод веќе ја прели чашата.“ – Изјави Маријан Ристески, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Ристески вели дека при отпуштања не се спроведува законот. Смета дека кога се отпуштаат вработените, законските процедурите воопшто не се почитуваат.

„Ако не оди некој на работа, постои закон во државата. Секое претпријатие има дисциплински комисии. Има закон за работни односи. Ја не видов дека некој претходно покренал постапка ако Маријан или Петко не оди на работа… Се знае која е постапката. Работникот воопшто не е виновен. Над работникот има шефови. Над шефови… И тие се виновни ако некој не оди на работа“ – Истакна Ристески.

Тој тврди дека од градоначалничката побарале средба на неколку наврати, но, безуспешно. Побара секој да си ја сноси одговорноста за функцијата за која е назначен.

„Кај госпоѓата Данела, ние како синдикат имаме уште ланска година барање за средба. Оваа година уште две три писма. Не се само за Водовод. Има незадоволство и во други јавни претпријатија. Се надевам ќе оствариме средба. Знаете кој ми се јави кога баравме средба? Некој преставник на синдикат, нејзин веројатно. Госпоѓа Арсовска, јас како синдикат, толку години се занимавам, не сум доживеал до сега некое претпоставено лице дали министер, дали директор, дали градоначалник, да ми даде синдикат да го решава проблемот. Нема шаанса тоа веќе така да функционира. Секој ќе има одговорност за функцијата што е назнаечен.“ – Додава тој.

Ристески вели и дека работниците не се виновни и не смее да бидат жртви на каков било реваншизам.

Никола Цветкоски