Критики од ЕУ за политичари кои етикетираат медиуми и ја загрозуваат слободата на говорот во Македонија
Критики од Европската Унија за македонските политичари кои етикетираат медиуми и ја загрозуваат слободата на говорот во земјава. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека на Македонија и биле неопходни длабински медиумски реформи, за да не се повторуваат вакви некоректни изјави. Вели дека мора да се изгради општество кое е отпорно, конкурентно, и за потребите на граѓаните, во насока на слобода на изразување и слобода до пристап на информации.
Тој упати апел до сите политичари и креатори на политиките да ја почитуваат улогата на медиумите за да се сигурни дека можат да функционираат без никакви притисоци.
- Доколку до 31 мај целта за усогласување на националното законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се постигне, тогаш Македонија ќе изгуби пристап до програмата и ќе ја изгуби можноста за користење на Креативна Европа, нагласи Гир.
И регулаторот кој треба да го мониторира работењето на медиумите, ги осудува изјавите од политичките фигури. Регираат на изјавата на Али Ахмети и Димитар Ковачевски, потсетувајќи дека е неопходно да се почитуваат европските стандарди, и ги повикаа политичарите да не дискредитираат медиуми околу меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост.
- Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите, вели Зоран Трајчевски од АВМУ.
Дека политичари од Македонија ја загрозуваат слободата на говорот и медиумите потврди и министерот за информатика. Вели дека ваквите изјави биле крајно некоректни, и со тоа како што вели, овие олигарси, ја злоупотребувале својата висока функција. Алити, истакна дека како Министерство се против етикетирање на медиумите.
- Како Министерство ги поддржуваме медиумите и сме апсолутно против етикетирање на медиумите. Ако некој човек што е на позиција ја злоупотребува позицијата против медиумите тоа не е карактеристика на демократско општество, така што затоа и кога правиме ажурирање на закноите се трудиме тој дел да можеме што повеќе механизми и инструменти да имаме за да може медиумтие да си ја завршат својата работа без притисоци или проблеми од политичарите, олигарсите итн., нагласи Алити.
Нападите кон медиумите од страна премиерот и првиот човек на ДУИ претставува опасност според американската амбасадорка Анџела Агелер. И таа ги осуди овие случувања кои зачестија последниов период, порачувајќи дека слободата на медиумите е многу важна во секоја земја. Според неа, ниту еден функционер, ниту поединец, не смее да ја напаѓа седмата сила, која има важна улога во јавната сфера.
Борис Грујоски