Кристијан Нинески по трет пат го фати крстот во водите на Вардар во Скопје

Kристијан Нинески од скопската населба Козле беше најсреќниот од стотината учесници кои се фрлија по крстот, под будното око на десетици спасувачи. Тој по крстот се фрла 8-ми пат, а ова е трет пат како му се насмевна среќата.

Нинески беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, од градоначалничката на Скопје и од повеќе спонзори на манифестацијата, кои му посакаа добро здравје и многу успеси.

По паузата поради пандемијата, оваа година вековната традиција повторно беше со масовна посетеност. Дождот не ги предомисли илјадниците верници кои го проследија настанот на осветување на водите на реката Вардар.

Одбележувањето во Скопје започна во 9 часот изутрината со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, по што што архепископот г.г. Стефан заедно со свештенството и дел од верниците, во поворка се упатија кон мостот „Слобода“, каде зпочна церемонијата за осветување на водите на реката Вардар.

Православните верници на овој ден се поздравуваат со „бог се јави, навистина се јави“. Оние со кои разговаравме велат дека ова еден од најголемите христијански празници.

На овој ден, во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Никола Цветкоски

Advertisements