Кривичниот совет одлучува по жалбата за притворот на Сашо Мијалков

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 денеска одлучува по жалбата за притворот на поранешниот директор на УБК, во случајот „Империја“. На Сашо Мијалков, викендов  му беше определен притвор од 30 дена поради како што стои во барањето на СЈО, влијание врз сведоци. Иако пред само дваесетина дена обвинителката Катица Јанева, тврдеше дека основ за притвор на Мијалков нема.

-За Сашо Мијалков има веќе мерки. И дека ги почитува мерките и дека се јавува на суд, сметавме дека доволно е. Бидејќи сега веќе ќе се прават други проценки, можеби ќе се побара, но мислам дека не за Сашо Мијалков, изјави Јанева пред 20-тина дена.

И покрај овој став на Јанева, на 20-ти ноември нешто пред 20 часот, токму по барање на нејзиното обвинителство, за случајот Таргет Тврдина, Сашо Мијалков беше однесен во Шутка. Неговите адвокати тогаш тврдеа дека докази во решението за одредената мерка нема.

Притворот во овој случај подоцна беше поништен, а на Мијалков му беше определен нов притвор во случајот „Империја“, за кој по жалбата на одбраната се одлучува денеска.

Во краток разговор за Алфа, адвокатите на поранешниот директор на УБК кажаа дека не знаат каква одлука ќе донесе судот, како и дека добиле насока од својот клиент да не даваат изјави за медиумите, за да не се врши притисок врз правосудните органи.

Против Мијалков, покрај овие две постапки, се водат уште неколку кои траат и повеќе од една година. Тој ги почитуваше мерките кои му ги одреди судот веднаш кога почнаа постапките против него.

Матеја Петровски