Кривична пријава за Љупчо Палевски поради илегално користење на прислушувани материјали

Пуштањето „бомби“ во Прилеп му донесе кривична пријава на Љупчо Палевски и на уште три лица. Во пријавата од МВР се вели дека постои основано сомнение дека тие сториле кривично дело- „Неовластено прислушување и тонско снимање“. Палевски со уште две лица на петти минатиот месец пуштале телефонски разговори во кои наводно зборуваат актуелни и поранешни функционери.

На сите осомничени одземени им биле мобилните телефони, мемориски картички, УСБ стикови и друга електронска и компјутерска опрема.

-На 05.04. Љ.П., Г.Н. и Т.М. се задржани во ПС-ОН Прилеп. Со Наредби за претрес од Основен Суд Прилеп, кај Г.Н., Т.М. и Г.Т. извршени се претреси во нивните домови, а за првопријавениот – извршен е претрес на неговото Патничко моторно возило марка 3Цитроен Ц4 Кактус“ кое сам го донел во кругот на ПС-ОН Прилеп. Одземените предмети се доставени за вештачење во МВР на РМ – ОКТИВ Скопје. Истовремено, од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при БЈБ на МВР доставен е прилог ДВД со документирани профили на социјалната мрежа Фејсбук, соопшти МВР.

Инаку т.н. бомби станаа повторно актуелни во последниот период кога на руската социјална мрежа Вконтакте беа објавени разговори од сегашни и функционери од минатата власт. Еден од разговорите кои беа објавени од профилот Илија Громовник, е оној каде пратеникот Павле Богоевски порачува недозволена супстанца.

Иако Богоевски и самиот призна дека го прекршил законот, Јавното обвинителство не соопшти каква постапка ќе покрене против него, но нареди МВР да испита кој стои зад профилот со псевдоним Илија Громовник.

-Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи ќе треба да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа vkontakte, информираат од ОЈО.

Покрај гласот на Богоевски во разговорите на Илија Громовник, може да се слушнат и гласовите на сегашниот и екс министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Гордана Јанкуловска и Љубомир Фрчкоски, а во еден од разговорите се појавува и поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски.

Матеја Петровски