Кој ќе биде нов шеф на Обвинителството за организиран? – Во игра 4 кандидати

Вилма Русковска, Ермон Незири, Ислам Абази и Деса Пауновска во трка за раководното столче во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Нивната колешка Енѓелуше Кадриу – Леши се откажа да биде шеф на Организиран и ја повлече кандидатурата.

Обвинителката Вилма Русковска иако е суспендирана повеќе од два месеци од функцијата, повторно се кандидираше за да биде шефица. Русковска го раководеше Организиран од ноември 2018 до август година кога државниот обвинител Јовески ја одалечи од функцијата. Од Јовески, Русковска заедно со колешките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска доби и дисциплинска постапка.

Доколку Русковска не биде реизбрана на 7 ноември, шеф ќе биде кандидат кој не доаѓа од Организиран.

Ермон Незири во моментов е обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, каде му е и заменик на актуелниот шеф Гаврил Бубевски. Деса Пауновска, има работено во ОЈО Тетово од каде премина во организиран криминал, па во Советот на јавни обвинители, па во Вишото во Гостивар од каде, сега да се врати во Оранизиран и тоа како шефица. И Абази доаѓа од Вишото обвинителство во Гостивар каде е  актуелен шеф, а избран беше во ноември 2018, кога Русковска стана шефица на ОЈО ГОКК.

Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава в понеделник на 7 ноември ќе гласаат за избор на нов шеф на ОГО ГОКК. Гласањето ќе биде од 8 до 16 часот, по што Советот ќе направи јавно сумирање на резултатите. Државниот обвинител Јовески ги повика колегите да го остварат своето право на глас за прв пат по законските измени.

За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, стои во соопштението од државниот обвинител Љубомир Јовески.

Од 29 август со Организиран раковиди Трајче Пеливанов кој беше назначен како времена замена на Вилма Русковска. Тој ќе раководи до 14 ноември кога се очекува Советот на Јавни обвинители да го именува новиот шеф, согласно законските рокови најдоцна 7 дена по изборите.  Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста