Кој ќе биде консензуалниот кандидат на Заев и Ахмети?

Спасовски, Димитров, Пендаровски…кој ќе се трка како консензуален кандидат на владејачките партнери Заев и Ахмети? Официјално, името ќе биде објавено утре.

Неофицијално, извори за Алфа, брифираат дека битката е всушност двострана: Спасовски, како партиски лик кој ужива највисок рејтинг на анкетите и поддршка кај албанскиот електорат, и на другата страна Димитров и Пендаровски- како надпартиски ликови но пониско рангирани после Спасовски според анкетите. Но, во целото вагање, за Заев и Ахмети не е важен само рејтингот, ами и тоа кого сакаат и поддржуваат странците. Тука вторите двајца предничат во однос на Спасовски – вели нашиот извор. Имено, дел од амбасадорите на ЕУ го фаворизираат Димитров, но поголемиот дел странски фактори се за Пендаровски.

Има ли конечно решение и зошто се калкулира до утре? Според истите извори, секој момент се користи за мерење на „тежина“ на биографијата, направени грешки, пропусти, афери, кредибилитет кај меѓународната заедница…

Она што пак отвора простор за нови дилеми е евентуалната трка на Спасовски.Таа значи празнење на шефовското место во МВР, кое, според нашите извори, е едно од желбите на ДУИ, исто како и началничката позиција во Генералштабот на АРМ. Двете посакувани позиции за Ахмети кои се ставени на „стенд бај“, во разговорите меѓу партнерите, во овој момент.

Како ќе одлучат Заев и Ахмети- ќе се знае официјално утре.

Во овој момент, единствен формално-правно официјален кандидат е Гордана Силјановска-Давкова, како надпартиски, поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Желба да се тркаат покажаа и Амди Бајрам, Филип Петровски, а откако ДУИ и СДСМ официјално соопштија, Алијанса за Албанците и Беса го лиферуваа универзитетскиот професор Блерим Река- кој и самиот потврди на социјалните мрежи.  

До сега кандидатура до СДСМ како надпартиски лик, поднесе екс –амбасадорот Ѓорги Филипов.  

Искра Коровешовска