Кој му кажал на Боки 13 за доверливиот документ на финансиска полиција за парите на Камчев?

Кој му дал увид и примерок на Боки 13 дека Управата за финансиско разузнавање изготвило доверлив извештај и го испратило до СЈО, дека осомничениот во Империја, Јордан Камчев од свои и сметки на семејството повлекува огромна сума на пари?

Конкретен одговор за ова прашање нема. Од Управата за финансиско разузнавање само си објаснија како работеле.

Дополнително, надлежностите, нејзиниот статус како и начинот на работа вклучувајќи ги информациите кои имаат одреден степен на доверливост се точно и прецизно пропишани со истиот тој Закон. Воедно, Ве информираме дека Управата нема својство на истражен орган согласно Законот за кривичната постапка, ниту пак е орган кој има надлежност да одлучува или бара било какви мерки за обезбедување на присуство за лица против кои се водат кривични постапки, соопштуваат од Управата за финансиско разузнавање.

Од управата претходно информираа дека тие постапиле законски и го известиле Специјалното јавно обвинителство за сомнителните банкарски трансакции на Камчев. Што содржи во извештајот што ги испратиле не откриваат оти тоа се доверливи информации, но сепак Боки 13 некако ги знае.

Конкретно, за алармот од УФР, во една од аудио-снимките, Јовановски му кажува на Камчев дека постои укажување од Управата за финансиско разузнавање дека Камчев врши некакви трансакции. Боки 13 дури тврди дека алармот од финансиското разузнавање бил и со барање за притвор, но го уверува Камчев дека ставот на Јанева ќе биде оти нема опасност од бегство.

Извештајот требало да биде иницијална каписла за истражување зошто Камчев вади толкава сума на пари, но од СЈО за ова само молк.

Се отвора прашањето дали Боки 13 за извештајот дознал од Катица Јанева, негова блика пријателка чии глас се слуша во аудио снимките на Ла Верита или пак вмешаност имаат трети лица?

Мери Ѓорѓиевска