Кој да ги прочита научните трудови за заштитната зона Рашче? – Нема објаснување зошто е реактиварана депонијата во близина на изворите

Проблемот со Југохром не е нов, ново е повторното реактивање на депонијата. Бројни анализи покажуваат дека истурањето кал која веројатно содржи и  тешки метали во близина на заштитната зона на изворите Рашче ќе се одрази на квалитетот на водата која ја пијат половина милион скопјани.

Препораките сите депонии да се стават во мирување околу заштитна зона Рашче датираат од 90-тите на минатиот век, но во пракса гледаме дека тие не се почитуваат дури ни по 30 години.

  • „Co оглед дека индустриската депонија претставува потенцијална опасност за загадување на површинските и подземните води во регионот и изворот Рашче, итно треба да се преземат мерки за санација и елиминирање на оваа опасност“ се наведува во Анализата „Влијание на депонијата од ХЕК Југохром врз квалитетот на површинските и подземните води“.

Од Јавното претпријатие Водовод и канализација тврдат дека водата во Скопје била безбедна, дека секој ден правеле монтироинг.

  • Мониторингот содржи физичко-хемиско и микробиолошко тестирање на примероци вода… два пати во месецот проширена анализа вклучувајќи и тешки метали… како и два пати годишно мониторинг за присуство на паразити и пестициди, како и радиолошка анализа на истата“ – стои во одговорот од ЈП Водовод и канализација.

Така можеби е во моментов, но сепак, според научните трудови, загадувањето со тешки метали би настапило постепено односно потребни се години за да стигне од депонијата до изворите Рашче. Оттука, доколку не се преземат мерки навреме опасноста водата од која пијат на половина милион скопјани да се загади со тешки метали останува.

Инаку минатата недела по налог на Министерството за екологија започна да се транспортира кал од пречистителната станица на Југохром и да се испушта на старо – новата депонија во близина на заштитната зона на изворите Рашче, во општина Јегуновце, на само 500 метри од првите куќи. Локацијата ја избрало самото Министерство кое тврди дека немало ништо спорно во тоа ниту каква било опасност за околината и изворите.

Тука со децении се носеле остатоците од индустриското производство на Југохром кои, меѓу другото, содржат хромати на калциум, алуминиум, натриум, но и шестовалентен хром за кој е докажано дека е канцероген односно опасен за човекот и животната средина.

Викторија Миткова

Advertisements