Кој го штити првиот човек на Управен? Двојни аршини за сомнежи за злоупотреби на Акмис системот

Кој се обидува да ги заташка сериозните обвинувања за злоупотреби на системот за автоматска распределба на предмети во Управен? Кој го штити актуелниот прв човек на судот Бурим Сејдини? Ни Комисијата формирана од министерството за правда, ни судскиот совет не постапуваат по пријавите од вработените. Пред само шест години за исти вакви сомнежи поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, отслужува две и пол годишна затворска казна.

Вака пред речиси шест години комисијата на министерот за правда Биљен Салији кој беше дел од Владата на Зоран Заев, утврдуваше рачно местење на предмети.
Сега иста таква комисија во време на министерот Кренар Лога работи сосема поинаку.
По пријавите од вработени во Управниот суд дека актуелниот претседател Бурим Сејдини рачно местел предмети, единствено што утврдија е дека имало недостаток на информатичари во судот.
Комисијата излезе со извештај во кој сомнежите за рачно местење на предмети на актуелниот претседател Бурим Сејдини ги нема никаде.
Според извештајот за злоупотребите на АКМИС системот не ни биле предмет на истрага.
- Во судот се пополнети 27 судиски места, од 33 судиски места кои се предвидени. До Судскиот совет на Република Македонија било доставено барање на пополнување на три испразнети судиски места, но се уште не добиле одговор. Во судот недостасуваатс стручни соработници и административно технички персонал.
Кој и зошто го штити актуелниот претседател е сосема нејасно, со оглед на тоа што и Судскиот совет ревносно не си ја врши работата. Откако летоска не им се брзаше, пред неколку дена членовите на советот формирале комисија за проверки на Управен.
На чело на Комисијата е Селим Адеми кој е избран за член во Собранието по предлог на ДУИ, а актуелниот претседател Сејдини е поранешен секретар на Општина Зајас.

Адеми беше најгласен пред два месеци за да одложи формирање на комисија за проверки на Управен, па ги избрка новинарите бидејќи прашуваа зошто одлагаат и не го суспендираат претседателот кој може да влијае врз докази.
За исти сомневања и местенки на предмети, Владата на Заев и неговиот министер за правда излегоа со извештај по кој поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски е на одлежување на две и пол годишна затворска казна за злоупотреби на АКМИС системот.
Тогаш парадирајќи пред медиумите Комисијата на Министерството влезе во Судот, а Специјалното обвинителство во домот на Панчевски.
Политичката хајка против неистомислениците во судството отиде дотаму што во целата се вмеша и поранешната вицепремиерка Радмила Шекеринска која објаснуваше што наводно правел Владимир Панчевски.

За разлика од сега, кога ниту новинарите, ниту власта не се занимава со ова праашање, за АКМИС системот имаше толкава помпа од негативни изјави, што имун не остана ниту поранешниот премиер Зоран Заев.
Шест години по сето ова, кога повторно има сериозен сомнеж за злоупотреба на системот за автоматско распоредување на судски предмети, институциите постапуваат сосема поинаку.
Дали рачното местење за кое сега алармираат вработени во Управниот суд ќе биде заташкано, засега не се знае.
Борис Грујоски