Кој беше патот за преговорите за името – една година по Преспанскиот договор

Преговори прекриени со превез на контрадикторност и конечен резултат прекрстување на Македонија. Една година по ставениот потпис и пружените раце меѓу Никола Димитров и Никос Коѕијас во Преспа, земјава доби ново уставно име, се откажавме од историските називи на институциите, прекрстивме автопати… избришавме се што го лути грчкиот народ.

Експертската јавност на една година од договорот велат дека ставањето параф значеше потпис за капитулација на Македонија. Но децидни се дека правните процедури овозможуваат и поправање на фактичката состојба.

16 јуни 2018-та…Пријателски прегратки и славење за договор кој од корен ја смени Македонија. Прво едниот го пречека на своја територија за да ја прекрстат државата, а потоа другиот го покани преку езерото и го почести со ручек на своја страна. Некогаш ривали , денес пријатели, премиерите Заев и Ципрас, ставија печат на Преспа со затворањето на тридеценискиот спор за името.
Од цврсти позиции за неменување на Уставот до прифаќање на ново име за севкупна употреба. Позициите на Македонија целосно се променија во текот на минатата година и кулминираа со потпишување на Договор. Убедувањата на Заев дека нема да дозволиме да бидеме понижени и преименувани, брзо беа заменети со нашата земја е Северна Македонија и ќе се сменат имињата на сите институции. Денес премиерот бил задоволен од потпишаниот договор – вредело имајќи ги предвид придобивките.

– Eдна година со сите успеси што се постигнати, на економски план, на планот на НАТО, на планот на Европската унија, на планот на реформите дома, навистина, покажуваат дека вредело. Вредело заради тоа што сите сме фокусирани кон подобра иднина на нашите граѓани. , потенцира премиерот.

Малото село Нивици се запиша во историјата како местото каде беше запечатена македонската историја. Добрата волја на актуелната македонска влада во целост беше исполнета, ама грчката тапка во место. Единственото ветување од Ципрас по 60 години повторно да биде отворен граничниот премин Маркова Нога кај Преспа, се уште не е исполнето.Рампата на преминот и денеска е спуштена.

Ивана Соколовиќ Најдова