});

Коѕијас: Да бев во Грчката Влада ќе го потегнев Заев за уши

Коѕијас му порача на Заев дека ќе го потегнел за уши преку НАТО, ЕУ и Нимиц, ако останел министер за надворешни работи на Грција. Изјавата на премиерот дека со Преспанскиот Договор ќе се отвори можноста за изучување македонски во Грција, го налути грчкиот потписник на договорот – Заев ги прекршил и Договорот од Нивици и Времената спогодба од 1995 година.

– Ќе го потегнев за уши на сите начини, и од НАТО, од Европската Унија и од Нимиц.  Нимиц се активираше и добро направи и го потсети дека прекршува две точки од Времената спогодба и од Договорот од Преспа. За тоа кој јазик ќе се изучува во Грција е во наша надлежност. Не е нивна работа. Треба да се промени и членот 49 од Уставот, вели Коѕијас.

Тв Алфа уште пред два дена го праша владиниот портпарол дали Нимиц навистина имал телефонски разговор со Заев и интервенирал. Официјалниот став на Владата беше – таков разговор не се случил.

Во меѓувреме од Илинденска број 2 испратија дообјаснување до грчката јавност, а вчера портпаролот Бошњаковски се објасни и пред македонската јавност  – изразија жалење што некои коментари биле разбрани и протолкувани на погрешен начин.

Премиерот во саботата, во Собранието во една од репликите кон опозицијата како дел од дебатата за уставните измени рече…

– Да бидеме искрени. Што направивме за нив до сега? Со пријателски однос го решаваме овој проблем стар 27 години и симнуваме тежок товар од нашите раменици. Сега имаме подобри можности, сега има можност децата во Грција да учат македонски јазик“. Учењето на мајчин јазик до сега било забрането и на него се гледало како на табу–тема во Грција. – кажа Премиерот.

Од саботата до денес речиси цел политички врв на Грција му испрати пораки на Заев.

Низ новинарските кругови кружи информацијата дека грчкиот премиер оди чекор понапред од својот колега. Идејата била Ципрас да се обрати до ОН со барање да се вметне дополнителен протокол кој ќе го интерпретира Преспанскиот договор, за да не се остави отворен прозорец по прашањето за јазикот и нацијата. Овој протокол би се вклучил во Договорот како посебен, а процесот би го водел советникот на Ципрас- Евангелос Калпадакис.

Сепак грчката влада засега нема официјален став за ова.

Испровоциран од изјавата, денеска и лидерот на грчката опозиција Мицотакис ги повика сите партии кои не се дел од владината коалиција да го блокираат процесот на ратификација и да не го гласаат Преспанскиот договор во Парламентот.