Коцијанчич до Албанците – Власта и опозицијата да се вратат на дијалог

По одлуката на албанските опозициски пратеници да се откажат од пратеничките мандати, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич во изјава за албанската државна агенција АТА, оценува дека тоа е конпрапродуктивно и е против реформските напори на Албанија за членство во ЕУ.

– Право на граѓаните да се ангажираат во мирни демонстрации е суштински елемент и суштинска вредност на секоја зрела демократија и мора да се гарантира. Сепак, употребата на насилни дејства и предизвикување штета врз јавниот имот како што можеше да се види минатата сабота во центарот на Тирана не се прифатливи. Парламентот е основа на секоја европска демократија – тоа е место каде што треба да се дискутира за реформите и развој, а не да се бојкотира, изјави Коцијанчич.

Таа додава дека очекуваат Владата и опозицијата да се ангажираат во конструктивна дискусија со цел надминување на актуелната политичка ситуација во земјата.

Експресно реагираа од обединетата опозиција преку демократскиот пратеник Енкелејд Алибеј.

– Каде беше госпоѓата и другите господа во 2014 година кога земјата беше претворена во оаза на марихуаната? Се консултиравме со странците, но пред се се консултираме со Албанците, додаде Алибеј.

Инаку, освен 43-те пратеници од Демократската партија, едногласна одлука за откажување од пратеничките мандати синоќа донесоа и 19-те пратеници од пратеничката група на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ).