Котлар Трајкова за Преспанскиот договор: Имаме право да бидеме било што, освен Македонци

Кога би имале нормална власт би требала да изгине за одбрана на зборот македонски, што за жал не се случува, смета универзитетската професорка по историја Наташа Котлар Трајкова. По Преспанскиот договор, една од најголемите жртви беше токму зборот македонски. Па од многу нешта тој збор беше отстранет, само еден од примерите е дека македонските институции преку Преспа станаа национални.

-Кога би имале една соодветна власт би требало да загине бранејќи ги атрибутите и именските изведби од името Македонија, меѓутоа тоа не го гледаме. За жал имаме една надворешна политика која што повеќе се грижи како би требало да се однесуваат оние другите, од другата страна, а не од македонска страна, изјави Котлар Трајкова.

Според Котлар Трајкова со Преспанскиот договор, но и со оној за добрососедство со Бугарија, власта погазила по се она за што со години воделе борба Македонците.

-Ние сега тоа што си го создававме по пат на борба си го анулиравме да бидеме искрени, бидејќи според тој договор ние имавме промена на уставот и доживеавме да ни биде името Република Северна Македонија, небаре ние сме само една оградена територија со овие граници. Понатаму нема ниту јазик ниту народ кој го зборува тој јазик. Мислам дека треба многу сериозно да се реагира на таа ситуација, изјави Котлар Трајкова.

Професорката смета дека со потезите направени последниве години, власта постигнала да смееме да биде се, освен Македонци.

-Кај Преспанскиот и седмиот член е многу сериозен, околу нели именката и придавката. Значи дека ние треба да бидеме асимилирани, да бидеме било што, само не Македонци, бидејќи Македонците пак имаат право на сувереност и интегритет на една своја македонска територија. Многу сериозно, иако песимистички можеби ќе звучи, сметам дека ние ќе имаме право да бидеме било што, освен Македонци, изјави Котлар Трајкова.

Котлар Трајкова е на ставот дека политичарите не смееле воопшто да преговараат за вакви прашања, за кои беа потпишани договори, со кои Македонија загуби многу. Според неа тоа е работа на историчарите и на никој друг.

Матеја Петровски