Костовски: Фирми блиски до Заев во шемата за уништување на Еуростандард

Фирми блиски до екс-премиерот Зоран Заев биле дел од таканаречената организирана шема да се уништи Еуростандард банка. Мнозинскиот акционер на банката Трифун Костовски две години по ставањето клуч на врата презентираше независен извештај изработен од тим од странски експерти за банкарски криминал. Тврди дека Еуростандард банка била затворена по претходно смислено сценарио и го впери прстот кон Народната банка за која тврди дека донела одлука за затворање без целосно почитување на законската процедура:   

Освен улогата на Народната Банка, Костовски обвини и една друга деловна банка во земјава за пропаста на Еуростандард. Тој тврди дека посочената банка незаконски искористила 3 милиони евра депозит на Еуростандард, кој никако не смеел да се користи за друга намена и без согласност на Надзорните одбори на двете банки. На овие 3 милиони евра вели дека им се губи трагата. Во моментот кога раководните лица сфатиле дека членови на стариот Управен одбор биле вмешани во нелегални трансакции реагирале но безуспешно:

Од Народната банка изразија серизона загриженост. Реагираат дека информаците што денеска ги изнесе Костовски се неточни и предупредуват дека ваквото според нив неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. Монетарната власт тврди дека нејзините контроли низ годините детектирале низа слабости и пропусти во работењето на Еуростандард банка.

„Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Оттука, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на банката – информираат од Народна банка.

Речиси две децении најмалку седум банки во земјава разработиле шема за фиктивно кредитирање на фирми со цел перење пари, a како што тврди Костовски, Еуростандард банка станала дел од незаконската шема во 2011 година, и тоа без знаење на акционерите. Тој инсистира дека фирми блиски до СДСМ повлекле кредити без покритие, а незаконскиот систем опфаќал 45 компании и едно физичко лице. Проблемот според него е и што, Народната банка не се впуштила во испитување на причините за вистинскиот проблем.

Целта на презентираниот извештај била властите соодветно да го истражат случајот и да реагираат за да го санкционираат, како што посочија, криминалот кој постои во банкарскиот сектор.

Адријана Алексиеска