Костадиновска – Стојчевска го доби прекарот „Министерка за цензура“

Костадиновска – Стојчевска за прв пат и стана позната на јавноста кога како пратеник се појави во македонското Собрание во скафандер за да гласа, бидејќи беше позитивна на Ковид-19.

Таа немала никакви допирни точки со културата пред да седне во министерската фотелја. Била професорка по англиски јазик на Битолскиот универзитет и има лиценца за лектор по англиски. Пред да стане пратеничка работела и како преведувачка и лекторка, а била вработена и во Агенцијата за електронски комуникации во Битола.

Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура

Оваа изјава се уште ја бранува културната фела. Уметниците преку социјалните мрежи и натаму изразуваат револт.

„Министерке, книжевноста треба да е форма на отпор, нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава“, реагира писателот Петар Андоновски.

„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката“ – министерка за култура, 21 век. Творам, значи расположувам народ“ вели писателката Оливера Ќорвезироска.

„Бисера ти си срам за македонската култура! Е*ати европската иднина!“ вели актерката Јелена Жугиќ.

Режисерот Јани Бојаџи, пак, вели дека станува збор за човек кој воопшто не е доаѓа од културата, а со ваквите свои ставови само може да го навлече гневот кај уметниците.

Заборава една единствена работа, таа госпоѓа не е министер за забава, туку министер за култура. Уметниците од спротиставена страна ќе си ги претворат во непријатели и тоа ќе биде нивниот крај затоа што во историјата на човештвото не постои пример кога министри победиле уметници, изјави режисерот Јани Бојаџи.

По лавината реакции министерката се обиде да се дообјасни.

Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска преку објава на „Фејсбук“.

Според македонскиот Устав, барем онаков каков што е во моментов, цензурата е забранета, а слободата на говорот е гарантирана.

Бојана Златкова