Анализа: Косовска војска – безбедносна закана или логична нужност?

Косовската војска стана реалност. И покрај острото противење на Србија на официјален Белград и на косовските Срби, и покрај пораките од Брисел дека таа одлука е донесена во погрешно време, косовските Албанци си останаа на своето и во парламентот во Приштина едногласно го изгласаа трансформирањето на безбедносните сили во армија. Српските претставници го напуштија Собранието, КФОР постави оклопни транспортери на мостот во Косовска Митровица, но најавуваната ескалација, сепак не се случи, ниту новата војска се упати кон северните делови на Косово ниту пак српската армија доби наредба да и тргне во пресрет. НАТО официјално негодуваше, исто како и ЕУ, но пораката на американскиот амбасадор во Приштина дека Стејт департментот го поддржува формирањето на Косовска војска, се чини ги расчисти сите дилеми околу прашањето дали Приштина добила зелено светло за овој потег или не. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во деновите пред одлуката за трансформација даваше многу жестоки изјави дека српската армија не ќе има друг избор освен да влезе на Косово за да ги заштити тамошните Срби, пост фестум се задоволи барање на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

-Косовската војска е формирана спротивно на интересите на српскиот народ. Таа не може да ја загрози нашата војска, но може да го загрози опстанокот на нашиот народ на Косово. Сето тоа е спротивно на она што го зборува Тачи“ – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Неговиот косовски колега Хашим Тачи меѓутоа изјави дека формирањето на војската е неповратен процес, дека одлуката е историска и правична и во склад со волјата на граѓаните на Косово. Тој дури порача дека Србите од Косово би требало да бидат дел од новата војска, што во Косовска Митровица и во српските енклави беше протолкувано како изјава на границата на цинизам. Во сличен тон порака упати и премиерот Рамуш Харадинај.

Прогласувањето на војската доаѓа во момент кога Косово и објави трговска војна на Србија, ги зголеми таксите за српските производи за 100 проценти што пак предизвика страшен недостаток дури и на основните прехрамбени производи и лекови во српските општини. Седницата на Советот за безбедност на ОН тешко дека може да промени било што, бидејќи и односите меѓу големите сили се на многу ниско ниво и речиси по правило дејствуваат од сосем спротиставени позиции.

Што се однесува до регионот, новата војска засега не ги вознемирува останатите соседи, иако македонскиот премиер Заев го повтори ставот на ЕУ дека одлуката е преуранета, што пак предизвика гнев, не на Косово туку кај македонските Албанци. БЕСА и Алијансата на Албанците му порачаа на Заев дека дошол на власт благодарејќи на гласовите од Албанците и одлуката на албанските партии да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, а тој им враќа со изјави спротивни на албанските интереси во регионот. На крајот, останува фактот дека Косовската војска е реалност на теренот, а дали и како таа ќе ја загрози стабилноста на регионот зависи од фактори, кои сепак, не се наоѓаат во Приштина, Белград или некоја друга балканска престолнина.

Драган Милосављевиќ