Косовската Влада одговори на писмото од Брисел: Го поддржуваме Тачи за дијалогот

Претставниците на Европската Унија повторно му пишаа на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, пренесуваат српските медиуми.

Еврокомесарите Федерика Могерини, Сесилија Малмстром и Јоханес Хан му испратија ново писмо на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во кое наведуваат дека со своите еднострани акции го загрозил напредокот кој досега бил постигнат во дијалогот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.

Европските функционери ја поздравуваат резолуцијата за дијалогот, која косовското собрание ја усвои на иницијатива на Харадинај, но, како што пренесуваат косовските медиуми, укажуваат дека дијалогот ќе продолжи во истиот фомрат, кој подразбира дека ЕУ како претставник на ставовите на Приштина и учесник во дијалогот и понатаму го смета само косовскиот претседател Хашим Тачи.

Портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич потврди за Танјуг дека Могерини, Хан и Малмстром му испратиле писмо на Харадинај, но не зборуваше за неговата содржина.

Содржината ја објави Газета експрес онлајн, истакнувајќи дека европската „тројка“ во писмото најпрво ја отфрла оценката на Харадинај, изнесена во неговото претходно писмо до Брисел, дека во досегашниот дијалог меѓу Белград и Приштина малку било направено.

Тие порачуваат и дека на косовската влада треба да ѝ биде јасно дека дијалогот на Белград и Приштина треба да биде продолжен во форматот во кој процесот е почнат:

„Силно ја отфрламе вашата оценка дека дијалогот стагнира. Наместо тоа, дијалогот на чело со двајцата претседатели обележува и означува силен напредок. Оваа проценка ја споделивме со лидерите на ЕУ во Европскиот совет во декември и добивме охрабрувачки пораки на поддршка“, се наведува во писмото до Харадинај.

Претставниците на ЕУ сметаат дека резолуцијата усвоена во косовското собрание е важна и дека треба да придонесе на забрзување на процесот на конструктивен начин, во рамки на дијалогот на највисоко ниво.

„Ние тоа го поздравуваме и го сметаме за воведен став на Косово кој неговиот претседател ќе го изрази во продолжувањето на дијалогот“, се вели во писмото и се истакнува дека за ЕУ дијалогот е единствената реална рамка за решавање на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.