Корупцијата го поткопува и бизнисот – стопанствениците се загрижени

Ниту поширока меѓународна акција против корупцијата во Македонија нема да помогне многу ако институциите конечно не профункционираат, бидејќи довербата во работата на државниот апарат е на многу ниско ниво – децидни се бизнисмените. Во квалитетната работа на службениците не веруваат ниту компаниите, ниту пак, граѓаните, па затоа и иселувањето било толку големо на ниво на држава. Стопанствениците бараат борбата против корупцијата да биде пожестока за бизнисите да можат да опстојат.

Само елиминирањето на човечкиот фактор и дигитализација на економските процеси можат колку толку да ја елиминираат корупцијата во земјава – велат бизнисмените. Стопанствениците велат дека процедурите морале да се поедностават и да се одвиваат по електронски пат за да се спречат понатамошни злоупотреби. Токму корумпираните институции, инспекциски служби, административци, селективните казни, сомнителните тендери, како и слабата доверба во тоа за што и како се трошат собраните пари од граѓаните и фирмите во буџетот, дополнително ја зголемуваат сивата економија.

Иако Владата се заложи за намалување на сивата економија, при презентирањето на даночната рефома бизнисот не слушна конкретни чекори за поригорозни казни за оние што затајуваат данок, зголемување на бројот на даночни инспектиори или пак поголеми интерни контроли и ревизии. Според последните проценки за 2020-та година, сивата економија во Македонија изнесува над 23% од БДП, односно надминува две и пол милијарди евра..

Тања Попова

Advertisements