Короната се враќа на голема врата, Комисијата не гледа причина да воведе нови мерки

Корона пандемијата зема замав, комисијата за заразни болести не гледа причина за нови рестриктивни мерки во моментов.

Од Комисијата велат очекуваат да расте бројот на новозаразени, но не очекуваат дека ќе има случаи со тешка клиничка слика за кои ќе е потребна хоспотализација. Со оглед на малиот број на тестирани , тешко е да се утврди вистинската епидемиолошка слика, а според Мехмедовиќ, за да ја имаме вистинската слика за трансмисијата на вирусот потребно е да се пристапи и кон независни истражувања

Многу е тешко да ја имате реалната слика кога немате доволно тестирање. Епидемиолошката состојба, согласно сите параметри кои ги имаме, а најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, се уште не става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментот на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти кои се на кислородна поддршка и сметаме дека системот се уште има голем простор за тој дел да се пополни и да се дадат услуги во делот на хоспитална грижа на пациентите, порача портпаролот на комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.

По денешниот состанок било заклучено дека Македонија се уште се наоѓа во зелена зона и дека здравствениот систем во смисла на болнички капацитети е подготвен. Она што е новина е дека од понеделник ќе се стават во функција пет ковид амбуланти во Скопје, преку кои ќе се зајакне примарното здравство како прв филтер за Ковид пациентите.

Амбулантите ќе функционираат на принцип на ротација на матичните лекари, а во истите ќе се прават и тестови за Ковид -19

-Со постоењето на КОВИД амбуланти вака дисперзирани, ќе биде покриена целата територија на градот и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за КОВИД -19, што сметаме дека ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за КОВИД дијагностика и третман за граѓаните, вели Мехмедовиќ.

Кај 85 посто од заразените доминира сојот БА.5 Омикрон, а како што истакна Мехмедовиж во однос на одредени информации дека  дигестивните проблеми  се индикација на Ковид, вели оти ова не се чести симптоми на оваа варијанта.

Во однос на корона вирусот и од СЗО им порачаа на земјите внимателно да ја следат состојбата. Предупредија дека очекуваат зголемување на бројот на смртни случаеви и не ја исклучија можноста да се појави нова варијанта на вирусот.

Кристина Алексиеска