Концесиите за рудниците повторно на владина седница – министрите се прават како да не се одовде
Владата утре на седница повторно ќе ги разгледува концесиите за рудниците Иловица и Штука. Ставот променет за 180 степени по силниот притисок од јавноста.
Министрите и натаму се прават како да не се одовде. Не знаеле што гласаат и што прифаќаат, првиот човек на ресорот Економија не им дал целосни информации.
Јована Тренчевска се правда, вели точката била ставена дополнително и праксата била во тој случај да се потпрат на образложението од министерот, најавува преиспитување на претходната одлука.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, се прави дека не го разбира прашањето на Алфа. Наместо да каже дали чувствува одговорност што дал поддршка за спојување на конвцесиите, вели дека неговиот ресор не дал согласност, нешто што не ни било побарано.
Спојувањето на концесиите отвори прашања во јавноста дали Министерството за економија си ја протолкувало пресудата на Управен како му одговара и дали другите министри на чело со Ковачевски навистина не знаеле што е дополнителна точка на предлог на Бектеши.
Тројца министри во Владата јавно кажаа дека на владина седница не им било прецизирано дека со одлуката на Управен суд , Владата не била задолжена да ги спои концесиите за Иловица – Штука. Премиерот, вчера не објасни што му се случува во Владата и какви се коалиционите односи , туку ја обвини опозицијата за концесиите, а на Бектеши му даде втора шанса да се дообјасни. Тој утре ќе ја собере цела документација за судските процеси и ќе ја презентира на седница на Влада.
Паула Костадиноска