Концерт за 30 години кариера на Тони Китановски за крај на Скопскиот џез-фестивал

На последната фестивалска вечер од 37. Скопски  џез-фестивал, гитаристот  Тони Китановски со концерт од 20 часот во Македонската опера и балет ќе одбележи 30 години музичка кариера.

Во првиот дел од вечерта тој ќе настапи со својот најнов проект – квинтетот „Панда 5“ и во живо ќе го промовира новиот албум „Big City Scare”. Покрај Китановски во квинтетот членуваат и младите македонски џез-инструменталисти: Трајче Велков (труба), Кирил Кузманов (алт саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Виктор Филиповски (тапани).

Во вториот дел од концертната вечер во МОБ на Китановски ќе му се придружат неговите музички пријатели и соработници: Џон Сас, Дејв Вилсон, Асан Рашид, Васил Хаџиманов и Пјеро Епифанија Осамбела.

Тони Китановски има  разновиден музички опус. Свирел на турнеи со своите проекти на џез и музика на светот, снимил и продуцирал голем број албуми, пишувал музика за играни и документарни филмови, современ танц, симфониски и големи џез-оркестри. Соработува со хип-хоп диџеи, музичари од Конго, ромски оркестри… Себеси се смета за композитор кој свири гитара, а неговата прва љубов отсекогаш била џезот.

Негов прв и највлијателен ментор е Драган Ѓаконовски-Шпато, во чиј дом тој првпат слушнал стара снимка од гитаристот Барни Кесел. Во 1990-тите живеел и студирал во Бостон, на музичкиот колеџ „Беркли“. По враќањето десет години подоцна, излегуваат серија албуми за SJF Records и ENJA/Yellowbird Records од Минхен, а „Big City Scare” е најновото музичко остварување на Китановски и квинтетот „Панда 5“.

Скопскиот џез-фестивал  годинава беше ориентиран кон современиот џез. Карактеристичен беше и по тоа што речиси сите музичари што учествуваа специјално допатуваа  за фестивалот и нивните концерти  не беа дел од турнеи.