Контроверзниот договор за автопатиштата останува тајна, Груби тврди дека е класифициран документ

Колку пари ќе плати Македонија ако не ги смени законите на време, какви се обврски преземала државата и што ако Коридор 8 не биде завршен во дадениот рок од 4 години и 7 месеци биле класифицирани информации. Вицепремиерот Груби и покрај силниот притисок од јавноста нема да го даде на увид договорот што е потпишан со „Бехтел и Енка“. Тврди дека тоа е на барање на американско-турскиот конзорциум и така било во сите држави каде што граделе. Во обид да ги оправда измените во Законот за работни односи, со кои работната недела ќе порасне на 60 часа, Груби вели дека со тоа ќе се скратело времето на завршување на проектот и истиот ќе чинел поевтино. А ако нашите рботници не сакаат да авотат преклувремено, тие ќе си увезеле работна сила од странство.  

Предложените законски решенија во Собранието за коридорите 8 и 10Д ќе го скратат времето на завршување на овој проект, и ќе ја чини државата поевтино. Договорот со „Бехтел и Енка е класифициран. Тоа е секаде каде што гради овој конзорциум. Така беше и во Србија и на Блискиот исток. Тоа не е ништо чудно. Компанијата исто така не дозволува да биде објавен. Единствен кој го има договорот е Јавното обвинителство – рече Груби.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска алармира дека со договорот кој го крие, власта ја поставува Македонија во подредена положба на која и се уништуваат народните ресурси и за тоа сите до еден ќе одговараат пред Законот. Го повика претседателот Пендаровски, да одбие да ги потпише законските решенија.

„Јас повторно ќе го повторам она што го кажав, се срамам поради нивниот срам. Она што вчера на отворена сцена го правеа не доликува на луѓе кои што на крајот од денот оваа држава им ги обезбедила основните и елементарни права, на крајот од денот ги образувала бесплатно, еве барем до тука да се задржеме. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера во детал да навлезе во ова што тие го превземаа како обврска и бидејќи ја ставаат свесно државата во подредена улога, а со тоа и ги уништуваат народните ресурси, јас јавно кажувам еве повторно, вчера го кажав тоа и денеска ќе го кажам, ќе одговараат. За ова има да одговараат“, рече Мицкоски.

Наместо конкретни одговори, премиерот Ковачевски повторно влезе во битка – првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски само се заканувал и ништо не работел.

Тоа е една обична лага и ширење невистини, како што прават неговите колеги и неговиот претседател кој цел ден само се заканува и ништо не работи. Договорот со „Бехтел и Енка“ е јавно потпишан врз основа на посебен Закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен, рече Ковачевски.

Најавените законски измени за евентуално зголемување на работната недела наидоа на отпор од пратениците, невладините организации, синдикатите.

Контроверзи имаше и во одлуката кој ќе врши надзор над Коридор 8. Едната фирма, Ептиса која ќе го врши надзорот, пред три години добила забрана од Владата да врши надзор врз градежни проекти  во земјава поради незаконско, неетичко и неодговроно  постапување. А основач на другата компанија за надзор Евро Консалтинг е човек по кој е распишана меѓународна потерница.

Адријана Алексиеска

Advertisements