Конечно ќе се сретнат по двете „корпи“ за средба во Скопје: Ковачевски ќе се види со Петков, ама во Рим, заедно ќе ги чествуваат светите браќа Кирил и Методиј

Два пати не успеа да го договори за средба во Скопје, па премиерот Димитар Ковачевски, конечно ќе се сретне со својот бугарски колега во Рим, каде и двајцата одат во чест на светите браќа Кирил и Методиј. Оваа средба доаѓа откако Кирил Петков ни го соопшти и новото јунско вето, барајќи од шефот на државата Румен Радев, да свика Совет за национална безбедност, поради спорот со Македонија. Дека блокадата не смее да биде тргната без исполнување на сите услови ни порача и пратеникот од партијата на бугарскиот премиер, Росен Костурков.

-Од тоа што го знам е дека Македонија не напреднала во исполнувањето кои што ги поставивме за кревање на ветото. А се надевам тој Совет ќе биде свикан од претседателот затоа што, затоа што несвикувањето според мене е неодговорно во овој момент. Треба да се разгледа точно тој момент и дали бугарската позиција останува иста. Јас сум на мислење дека таа ќе остане иста, изјави Костурков.

Повикот за оваа средба и шпекулациите, дека е можно тргнување на блокадата, предизвика незадоволство и во коалицијата на Петков, па дури и најава дека е можно партијата на Слави Трифонов да ја напушти коалицијата. Незодоволство покажуваат и другите политички структури во Софија. Европратеникот од Герб на Борисов, Андреј Ковачев, прашува со каква цел би била оваа средба, кога според неговите зборови, Македонија немала ништо исполнето од она што го ветила.

-Реши дека е дојдено време да си ги измие рацете, како Понтиј Пилат, и да им објасни на оние со дарежливи и наивни ветувања дека, за жал, и покрај неговата желба, не може да има промена во позицијата на Бугарија поради „лошите“. А лошите, во негови очи, очигледно се мнозинството Бугари кои сакаат фер, а не компромисно решение, смета Ковачев.

Повеќе од јасно е дека оваа средба во Рим нема да донесе никакво придвижување на европскиот пат за Македонија, за што свесен е и Ковачевски, кој кажа дека засега немаме никаков договор со источниот сосед.

Во овој момент не постои документ кој што е заеднички прифатлив за двете страни и кој што може да претставува основа за решение. На нас ни е потребно брзо решение, меѓутоа не избрзано решение. Што значи дека зошто брзо решение, бидејќи прво Република Македонија 17 месеци има кандидатски статус и постои опасност дека еден процес кој што е толку долг да довербата во него се намали, не зборам за институциите, зборам за самите граѓани, изјави Ковачевски.

Едно од основните барања на источниот сосед е внесување на Бугарите во Уставот на Македонија, како уставотворен народ. Но, ни стигна и порака, директно од шефицата на бугарската дипломатија, дека ни таков потег може да не биде доволен за тргнување на ветото.

Матеја Петровски

Поврзани вести